ФОТО:
Насловна фотографија: Bitola News
Фотографии во написот: КК Пелистер АД; Дејан Кузмановски
Оваа натпреварувачка сезона, 2022/2023, на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром им беа потребни три натпревари за освојување на нов шампионски трофеј кога станува збор за домашното првенство.
Со апсолутни 3-0, „металците“ од скопски Аеродром го освоија 'вулканот' во Битола, совладувајќи го Пелистер на гостински терен за јубилејна десетта титула.
Серијата ја започнаа со 84-64 на домашен терен, пред своите најверни. Три дена подоцна славеа со 75-67, а денеска ставија крај на финалната серија во плеј-офот со 83-92.
Притисокот да се игра можеби решавачки натпревар на гостински терен си го направи своето, па така и на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром им требаше речиси еден период игра на паркетот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола за да фатат правилен ритам. Ритам кој по истекот на четириесеттата минута им ја донесе титулата со двоцифрен број во клупските витрини.
Кошаркарите од гостинскиот состав ја искористија приликата да го наполнат противничкиот кош откако двете екипи се вратија на паркетот па така предноста од три поени која ја имаа битолчани по десетте минути игра брзо беше стопена.
Со многу резултатски пресврти и со кош-поен во последните моменти пред свирежот на сирената, на полувреме се замина со минимална предност на екипата во сино на теренот (39-41) која во преостанатото време до крајот на натпреварот продолжи да расте. Ниту расположените Маслинко и Карутерс не успеаја да го запрат налетот на расположените „металци“.
Во финишот, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром славеа со 83-92 односно 24-21, 15-20, 18-27 и 26-24 по делници.
Најкорисниот играч на финалната серија во плејофот - Војдан Стојановски, го заврши овој натпревар со неверојатни 33 поени и седум скока. Двоцифрени во шампионскиот состав беа и Вер со 16 и Абу со 12 поени. За домашниот состав тоа беа Карутерс со 18 поени, Маслинко со 15 поени, Хаџифејзовиќ со 12 и Караџовски со 10 поени.