09.05.2025

Со вечерашниот дуел (18.30) во СЦ „Јане Сандански“, стартува полуфиналната серија од доигрувањето за шампионската титула

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ: Кумановци ќе го предизвикаат шампионот

На патот кон одбрана на шампионската титула, како втора пречка, пред кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром стои екипата на  МКК Куманово.

Ден порано од некои предвидени викенд-термини, вечерва, од 18.30 часот, популарните „металци“, пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“, за ривал ќе го имаат одличниот состав од Куманово кој и во оваа конкуренција го предводи Марин Докузовски.

Извесно, аеродромци стартуваат како големи фаворити против тимот кој веќе реализира поголем дел од планираните цели во оваа прволигашка сезона.

Но тоа ќе треба да го покажат и на теренот во првите 40.минути од серијата која треба да даде еден од финалистите, а за тоа ќе им требаат три поени, односно исто толку победи.

Бранителот на титулата , се чини, имаше и нешто повеќе време за подготовка ако се земе в предвид дека експресно, во три натпревари, го елиминираше младиот состав на Феникс 2010.

На кумановци им требаше еден натпревар повеќе за да стигнат до оваа полуфинална фаза, но пред почетокот на оваа серија, стручниот штаб се соочува со еден сериозен проблем, кој им го носи отсуството на еден од најдобрите играчи во ростерот, Тадија Тадиќ (повреда на задната ложа).  

Ако во оваа серија МЗТ Скопје важи за голем фаворит, се чини дека далеку понеизвесна серија се очекува да биде онаа во која еден спроти друг ќе се најдат ТФТ и Работнички, до пред извесно време, две екипи кои го делеа теренот во СРЦ „Кале“, и кои се познаваат и тоа како добро.

Мала предност на „црно-белите“ носи фактот дека оваа серија ја дочекуваат со поголем „одмор“, ако се знае дека Работнички истурка серија од пет натпревари во серијалот со битолски Пелистер, па извесно ќе им биде потребно поголемо време за „рекуперација“.

Од друга страна СРЦ „Кале“ не е некоја „непозната“ за тимот кој го предводи Горан Самарџиев, кој за разлика од првиот дел, сега има ростер со поголем број на „употребливи“ играчи, и тоа како потребно за ваков плеј-оф мод.

Овој викенд ќе се игра и последното шесто коло од Плеј-аут лигата, а последните два натпревари ќе ги детерминираат двете екипи кои и во следната сезона ќе бидат со префикс прволигашки, и уште две кои ќе мора да се преселат во понизок ранг на натпреварување – Втората лига.

Извесно е дека дилеми нема за екипата на Тиквеш Голден Игл, кавадарчани имаат обезбеден опстанок, додека за тоа второ место се борат екипите на Шкупи и Гостивар (Вардар е без никакви шанси).

Пред последните мечеви во сезоната, на гостиварци им е потребна победа на гостувањето кај Вардар, и во тој случај без вредност би била евентуална победа на Шкупи на гостувањето во кавадарци.

Пораз на Гостивар и победа на Шкупи значи и добитна комбинација за екипата од Скопје, што носи уште поголема драматика пред завршните 40.минути во сезоната.

ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ

ПОЛУФИНАЛЕ – ДВОЈКИ

9.МАЈ (ПЕТОК)

18.30: МЗТ Скопје Аеродром – МКК Куманово

Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/G3C1JCYJESk?si=ioJYLz5FfHkv2iY3

10.МАЈ (САБОТА)

18.00: ТФТ – Работнички

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/qt_7JcBsy9I?si=R1L6dCnvG-kXUMtS

ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА-МАЖИ

10.МАЈ (САБОТА)

16.30: Вардар – Гостивар

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/eo25rekHBpg?si=JRgjvj4ziQQAHiwt

19.00: Тиквеш Голден Игл – Шкупи

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/NIb5JVtGm8Q?si=hITZUcDzDu85BPrk