11.05.2024

МЗТ Скопје Аеродром и по трет пат беше подобар противник од ТФТ Моцарт за сигурни (72:58) и „брзи“ (3-0) во полуфиналната серија

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ: „Металците“ експресно во уште едно финале, и во одбрана на шампионскиот трофеј

МЗТ Скопје е првиот финалист во плеј-офот, откако и во третиот меч од серијата, излезе како победник против екипата на ТФТ Моцарт.

ТФТ МОЦАРТ  - МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 58:72 (0-3)

Бранителот на титулата воспостави играчки и резултатска контрола до самиот почеток на натпреварот. Уште во раната фаза дојдоа и до двоцифрена позитива (26:16). А 15, од вкупно тие 26 коша на МЗТ Скопје беа реализирани со шут за три поени (пет тројки) во првата четвртина од овој трет натпревар од серијата.

Имаа и нешто повеќе од тоа (30:19), но му дозволија на противникот некако незабележливо, да симне добар дел од неа. ТФТ Моцарт направи обид, и успеа да намали, да се доближи до МЗТ Скопје, на пет поени негатива (25:30), нешто потоа и на уште пониски (27:31), сето тоа „спакувано“ во нешто повеќе од три минути.

Но гостите од Аеродром веднаш одговорија со своја мини-серија, креирана од Д. Стојановски и Гилон за враќање на комотното водство (37:27), кое беше и повисоко, (42:29), кога уште еднаш погоди Гилон.

Сличен беше резултатот и на полувремето, (44:32) за МЗТ Скопје. Д.Стојановски веќе беше „двоцифрен“, капитенот даде десет поени. Два помалку дојдоа од В. Стојановски, а по седум за гостинската екипа, уфрлија Гилон и Баковиќ.

А по одморот, шампионот го зададе и решавачкиот удар. Во третите десет минути, „сино-белите“ удрија уште посилно, пред се во одбраната. Му дозволија на противникот да реализира само седум поени, тие дадоа 16, за недостижно водство.

По три одиграни четвртини, МЗТ Скопје се одвои на (60:39)...  

А оние десет минути кои останаа, извесно, тѕренерот Атанасов им ги посвети на оние помладите. Логично, ги остави на клупата стартерите, односно оние кои што треба да се одморат, и да се подготвуваат за финалната серија во која го чекаат подобриот од серијата Пелистер-Работнички во која битолчани имаат предност (2-1).

Додека играа, Баковиќ застана на бројката од 14.реализации, а Делалиќ, Војдан.и Дамјан Стојановски имаа по 10.

Кај ТФТ Моцарт, за кого сезоната заврши со овие 40.одиграни минути, дабл-дабл ефект на Хаутон, од 14.поени и 17.скока, и десет поени кои дојдоа од Луис.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ

РЕЗУЛТАТИ – ТРЕТ НАТПРЕВАР

ТФТ Моцарт  - МЗТ Скопје Аеродром 58:72 (0-3)

Пелистер – Работнички  85:79 (2-1)

*Сите серии во плеј-офот, се играат според принципот: „подобар од пет натпревари“ и системот „2-2-1“