Екипите на МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ се само на еден чекор кон пласманот во големото финале на плеј-офот. Двете првопласирани екипи во оној регуларен дел, максимално го искористија оној момент кој вели дека беа во улога на домаќини на почетокот на полуфиналето.
Водат со големи (2-0) во серијата која се игра до три освоени „поени“.
Веќе овој викенд, ќе ја имаат и онаа прва меч-топка за место во финалната серија која носи голем влог – шампионската титула.
Извесно, и секако, евидентно е дека и МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ се екипи кои имаат доста поголем играчки ростер, кој дава, овозможува многу поголем простор за тренерски маневар, и „распоред на силите“, со оглед на брзиот ритам на одигрување на натпреварите како во ова доигрување за шампионскиот трофеј.
Работнички е пред најсериозниот предизвик во сезоната, посебно ако се знае дека во меѓувреме, помеѓу овие два натпревари, дојде и до промена на првата тренерска позиција.
Горан Самарџиев повеќе не е шеф на струката на „црвено-белите“. Во улога на „В.Д.“ на овој нареден меч ќе биде Нермин Пепиќ, кој е дел од младинскиот сегмент на Работнички, и оттука е прашањето што ќе донесе оваа промена во можеби решавачкиот натпревар, за сеуште најтрофејниот клуб во нашата земја.

Од друга страна, ТФТ покажа дека е подготвен да оди до самиот крај, односно „да фати“ место во финалето. Не потклекнаа избраниците на тренерот Боро Смилковски дури и кога беа во двоцифрено заостанување пред своите навивачи во СРЦ „Кале“.
Направија голем пресврт, и играчки и резултатски, беа наградени со вториот триумф кој го донесе на само еден чекор кон реализација на една од поставените цели – да се игра во финалето на плеј-офот.
Не е новост ако се каже дека екипата која го брани пехарот, игра и најстандардно. Тоа им го овозможува големиот број на квалитетни играчи, па така, н а пример, тренерот Васко Атанасов може да си го дозволи и тој „луксуз“ оваа серија да ја (од) игра и без помош од Андреј Маслинко, еден од најдобрите во нашата клупска кошарка.
МЗТ Скопје е голем фаворит и без МКК Куманово да биде дури и во најдобриот состав, а не е. Видливо е дека во играта на „сино-белите“ недостасува еден од носителите, Тадиќ, што носи проблеми плус, особено во организацијата на нападите.
Тренерот Марин Докузовски може да биде задоволен од она што неговите избраници го покажаа на вториот меч во СЦ „Јане Сандански“, и се чини дека тоа треба да е појдовна основа за она што следува во сабота од 19.часот, во салата „Перо Наков“, каде ќе се игра третиот. Во Куманово се надеваат дека нема да биде и последниот натпревар во оваа серија.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ – ПЛЕЈ-ОФ
ПОЛУФИНАЛЕ - ТРЕТ НАТПРЕВАР
17.МАЈ (САБОТА)
19.00: МКК Куманово - МЗТ Скопје Аеродром (0-2)
Сала „Перо Наков“ – Куманово
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/2UlPi_Ra7EE?si=5LYkB1NcqSb_2p-k
18.МАЈ (НЕДЕЛА)
20.30: Работнички – ТФТ (МРТ) (0-2)
Сала „Независна Македонија“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/7vk8_iqi2IM?si=sPSJwSKGnhWd3yXH