Кошаркарите на Пелистер го вратија водството во полуфиналната серија од плеј-офот, откако во третиот меч, прв на домашен терен, во Битола, стигнаа до многу важна победа против Рсботнички. Со тоа се стекнаа и со две можности да дојдат до големото финале во кое ќе игра и подобриот од серијата во која се среќаваат екипите на МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ Моцарт.
ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ 85:79 (2-1)
Како што се очекуваше, третиот меч од оваа полуфинална серија помина во една доста изедначена игра. Тоа се однесува во првото полувреме во кое ниту една до двете екипи и не направи некоја сериозна позитива.
Исклучок се воведните неколку минути во кои гостите од Скопје поведоа со (9-2). Но и тоа не беше на некои „долги патеки“. Макар што до истекот на десетте минути Работнички беше и екипата која го имаше водството (24:21).
Со серијата од седум поени, Пелистер успеа и да поведе, со (34:30) на средината на втората четвртина. Во онаа втора „половина“ од овој период, двете екипи влегоа во ритм кој носеше доста промени на водството. За на истек на 20.минути, битолчани имаа „минималец“ од (43:42), по тројката која ја погоди Американецот Најт.
Тројките беа во „преден план“ и во поголем дел од третата четвртина во која се играше во ист ритм, повторно со доста резултатски измени во водството.
На индивидуален план, „ во преден план“ искокна Магдевски кој реализираше дури десет поени во третата четвртина. Но по 26.минути од играта, „црвено-белите“ беа во водство (60:56).
Но нешто налик на вториот дел, уште еднаш, сега по тројката на Мијовиќ (негова трета, за 17.поени), Пелистер повторно водеше. По три одиграни четвртини резултатот гласеше (67:64) во корист на „пелистерци“.
Нервозниот момент во гостинските редови, од линијата за слободни фрлања го искористи Мијовиќ, кој го донесе домашниот тим на највисоки (71:64) во воведната минута од последната четвртина. Имаа битолчани и осум поени вишок (75:67) во 33.минута.
Но Работнички не дозволуваше таа разлика да оди и на поголема. По поентирањето на Рикиќ во последните 60 секунди гостите дојдоа на -2 (79:81). Потоа, имаа и напад за водство, но го одиграа почетнички...
Костоски го искористи тоа, погоди две слободни фрлања за (83:79).
А потоа уште една катастрофална грешка, на Трајс, кој не успеа да ја изведе топката од аут-ситуација. Најт потроши доста секунди пред да застане на линијата за слободни фрлзња и да ја потврди втората победа на Пелистер во полуфиналето.
Петмина „пелистерци“ завршија како двоцифрени. Магдевски и Мијовиќ имаа по 18.поени, а Маслинко, Планиниќ, и Најт имаа уште по 12. реализации.
Рикиќ беше блиску до дабл-дабл затоа што освен 22.поени имаше и осум скока, 20. поени за Работнички дојдоа од Трајс, Декоузи даде 14, а 13. имаше Ѓуроски. недоволно за „брејк“ во Битола.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ:
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ – ТРЕТ НАТПРЕВАР
Пелистер – Работнички 85:79 (2-1)
11.МАЈ (САБОТА)
18.00: ТФТ Моцарт - МЗТ Скопје Аеродром (0-2)
Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/g0Jvjvq8jUY?si=Kwhu_KbAbA7vszR9
*Сите серии во плеј-офот, се играат според принципот: „подобар од пет натпревари“ и системот „2-2-1“