Во рок од само неколку дена, кошаркарите на Пелистер беа уште еднаш подобри од Еуро Никел 2005. Вечерва, не така убедливо, но доволно за да го направат и вториот чекор кон пласманот во полуфиналето од доигрувањето за шампионската титула.
ПЕЛИСТЕР - ЕУРО НИКЕЛ 2005 90:85 (2-0)
Сосема поинаков натпревар од оној првиот, пред неколку дена, одиграа Пелистер и Еуро Никел 2005. Особено тоа се однесува за гостинската екипа, која на вечерашниот покажа дека таа вечер била една од оние „за заборав“.
Во првите седум минути имаа предност (23:22), но во оние наредните три, предводени од расположениот, особено за погодување на удари вредни по три поени, Костоски (3/3 од таа позиција), Пелистер „го сврте“ резултатот.
Со серија од десет поени, „зелено-белите“ поведоа со (32:27).
Релативно изедначено се играше и на почетокот на вториот период. „Пелистерци“ ја зголемија предноста, во 14.минута, имаа и од десет поени (40:30). Кога дојдоа до неа, умееја да ја контролираат, односно се трудеа да остане двоцифрена. По 13.поен на Планиниќ, домашната екипа имаше и повисоки (46:35). Но со петте поени на Соколов и Врањеш, кавадарчани се вратија на еден „активен резултат“, Пелистер водеше „само“ со (46:40) на полувремето.
И за разлика до домашната екипа во која поентираа и резервните играчи, како Драговиќ и Најт (комбинирано осум поени), гостите се потпреа на реализаторските способности само на стартните пет играчи, од кои Дубински постигна 12, а Соколов 10.поени.
По паузата, кавадарчани „спуштија“ н уште поиски (47:51), но и битолчани имаа(т) играчи кои знаат да поентираат, дури и кога не оди како што треба во организацијата на нападите. По тројката на репрезентативецот Магдевски, Пелистер одново се одвои, сега на (59:48), кога се играше 26.минута.
До истекот на тој дел од мечот во салата „Боро Чурлевски“, битолчани се одвоија и на плус од 13 поени (70:57), и ја најавија втората победа во серијата, по која им треба само уште една за да се најдат во првата плеј-оф „четворка“.
Сепак, Еуро Никел 2005, најде мотиви, но и некоја дополнителна енергија за овој меч да биде од оние со префикс „неизвесни“. Во последната минута гостите се доближија на само „еден посед“ негатива (85:88). По двете нереализирани слободни фрлања на Стојановски, на 11.секунди пред крајот, Младеновиќ не погоди тројка за израмнување. Веднаш дојде егзекуцијата, од Костоски, кој мирно ги реализира двете слободни фрлања за конечни (90:85). За својата одлична игра да ја заокружи со 25. реализации. Го следеше Маслинко, кој постигна 21.поен, додека Планиниќ „закочи“ на 15 (плус и осум скока).
Во екипата од Кавадарци, Дубински заврши со 23.поени, Врањеш имаше 20, Смит Мексвејн 16, Соколов 13, а Глигоријевиќ уште 11.поени.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ - ПЛЕЈ-ОФ - ЧЕТВРТФИНАЛЕ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ - ВТОРИ НАТПРЕВАРИ
Работнички – Феникс 2010 100:94 (2-0)
Пелистер - Еуро Никел 2005 90:85 (2-0)
11.АПРИЛ (ЧЕТВРТОК)
21.00: Чаир 2030 – ТФТ Моцарт (1-0)
Сала „Шабан Трстена“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/wCnX-XrxMEs?si=r_D2VVLMxEInuQ5n
13.АПРИЛ (САБОТА)
18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар (1-0)
Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/nDFrHbQaMgk?si=wxi-M48gNSuRwqWZ
*Сите серии во плеј-офот, се играат според принципот: „подобар од пет натпревари“ и системот „2-2-1“