26.04.2024

МЗТ Скопје за противник го има ТФТ Моцарт, Работнички го чека серија со Пелистер...

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ: Почнува полуфиналето, сериозни предизвици за „вечните“

Четири серии, оние четвртфиналните се зад екипите кои стигнаа до доигрувањето за шампионската титула. А пред четирите победници се оние две полуфинални серии во кои според истиот принцип, „подобар во пет натпревари“ ќе се бараат двајцата финалисти.

Од утре вечер стартува полуфиналето, а првиот натпревар кој е на програмата, од 18.часот, во салата на СРЦ „Кале“, е оној во кој се среќаваат екипите на Работнички и на Пелистер.

И двете екипи експресно, во само три натпревари, ја завршија работата во четвртфиналето. И се чини имаа доволно време за одмор, за подготовка за оваа серија во која, извесно, нема изразит фаворит.

Со оглед на подобриот ранкинг по истекот на регуларниот дел, „црвено-белите“ ја имаа онаа почетна предност, онаа која со себе ја носи играњето на домашен терен во две од максимални три натпревари кои ги нуди системот „подобар во пет натпревари“.

Првите два натпревари од серијата ќе се играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, наредниот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, каде, ако биде потребно, ќе се игра и натпреварот број 4.

Поради обврските на МЗТ Скопје Аеродром во АБА 2 лигата (во сабота навечер го играат првиот меч од полуфиналето, на домашен терен против екипата на Спартак од Суботица), стартот на втората полуфинална серија е пролонгиран за неколку дена.

Односно првиот меч помеѓу бранителот на титулата, МЗТ Скопје Аеродром и „предизвикувачот“, ТФТ Моцарт, ќе се игра на 30.април (вторник), со почеток од 19.часот, во големата сала на СЦ „Јане Сандански“. На истото место ќе биде и наредната пресметка помеѓу екипите кои и оваа сезона имаа обврски во регионалното натпреварување. „Сино-белите“ се сеуште и активни на тоа „поле“, оттука и промената на термините за старт на серијата во која двете екипи ќе бараат три победи кои водат во финалето.  

ПРВА ЛИГА-МАЖИ - ПЛЕЈ-ОФ - ПОЛУФИНАЛЕ

ДВОЈКИ – ПРВ НАТПРЕВАР

27.АПРИЛ (САБОТА)

18.00: Работнички – Пелистер

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/PsuR12U-2mc?si=xNsfi6YHaVp8KU-9

30.АПРИЛ (ВТОРНИК)

19.00: МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ Моцарт

Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/KmXuDOycQ-Q?si=wMnaZ1yvA0I03wHs

*Сите серии во плеј-офот, се играат според принципот: „подобар од пет натпревари“ и системот „2-2-1“