28.05.2021

Денеска втор круг од полуфиналето, императивна форма за најтрофејната и лидерската екипа

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ: „Да се биде или не“ за Работнички и Пелистер

ФОТО: Јане Петровски (Еуро Никел 2005)

Првиот круг од полуфиналето на плеј-офот, пред неполни два дена, донесе две победи на гостинските екипи. Еуро Никел 2005 славеше против Работнички во СРЦ „Кале“, додека пак МЗТ Скопје Аеродром ја освои Битола, поточно го победи Пелистер. За водство од (1-0) во серијата, која продолжува денеска, со уште два нови натпревари.

Но сега во една малку поинаква ситуација.

Екипите кои загубија, Работнички и Пелистер се ставени пред една императивна форма. Едноставно немаат право на втор кикс, ако не сакаат да ја завршат сезоната во оваа полуфинална фаза.

Од друга страна, оние кои победија, МЗТ Скопје Аеродорм и Еуро Никел 2005 знаат дека ништо не е завршено. Финалисти ќе бидат екипите кои ќе реализираат две победи во полуфиналето.

„Пред нас е нов предизвик. Ништо не е готово, но сега притисокот ќе е врз Работнички, бидејќи тоа ќе биде меч што тие никако нема да смеат да го загубат“- вели тренерот на кавадарчани, Горан Самарџиев, пред дуелот кој е закажан за 17.часот во салата „26.април“ во Гевгелија.

„Нам не ни е лесно. Секој ден патуваме до Гевгелија каде тренираме и играме во плеј-офот. Но досега одлично одговоривме на сите предизвици и очекувам тоа да биде случај и на денешниот втор дуел“.

ФОТО: Бојан Крстевски (МЗТ Скоје Аеродром)

Нешто подоцна, од 19.30 часот, во СЦ „Јане Сандански“, МЗТ Скопје ќе се обиде да стигне до пласман во уште едно финале.

„Со победата во Битола, завршивме половина од задачата. Ни останува да ја реализираме другата половина, односно да победиме во Скопје. Сакаме да играме во уште едно финале. Се чувствува замор на материјалот во тимот, но кога се игра серија за пласман во финалето, се остава на страна“ – вели кратко Бојан Крстевски, еден од носителите на играта на „металците“.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ- ДЕНЕСКА:

17.00: Еуро Никел 2005 – Работнички (1-0)

Сала „26.април“- Гевгелија

https://youtu.be/def4Qn2QxrU

19.30: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер (1-0)

Сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

https://youtu.be/u5XqzVk5-mw