ФОТО: Филип Бундовиќ (Работнички) на куп-средбата со Еуро Никел 2005
Пелистер или МЗТ Скопје Аеродром, Работнички или Еуро Никел 2005?
За која од овие четири екипи ќе има место во големото финале на плеј-офот и борбата за шампионската титула?
Ако се суди според она што досега беше прикажано, екипата од Битола, односно онаа од „Градски парк“ влегуваат со нешто поголеми шанси.
„Зелено-белите“ поради скорот кој го имаа во регуларниот дел од сезоната, и резултат кој им даде ова доигрување за титулата да го играат со повеќе мечеви на свој терен.
Тоа од друга страна им ја усложнува работата на нивните противници на теренот, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, кои ако сакаат финале, ќе мора барем еднаш да ја освојат Битола.
16.00: Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром
Резултатски гледано, двете екипи се апсолутно израмнети пред почетокот на серијата која стартува денеска од 16.часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
Двата ривали си разменија по една победа, интересно, и двете изразени со три поени разлика.
ФОТО: Момент од натпреварот Пелистер - МЗТ Скопје Аеродром, одигран во Битола
На 15. јануари, Пелистер славеше во Битола со (88:85), меч во кој блескаа Игор Кесар, стрелец на 27.поени и Никола Малешевиќ кој го следеше со 22.поени и 11.скока, додека пак Џордан Калахан дополни со 15.поени и 5.додавања.
Кај „металците“ пак, едно неверојатно издание на Олуфеми Олуџоби, заокружено со 38.поени ( и 8.скока), додека по десет поени дојдоа од Стојановски и Крстевски.
Во Скопје, поточно во СЦ „Јане Сандански“, на 12.април беше малку спротивно. Победа на „сино-белите“ од (84:81), кои имаа малку поинаков поентерски пристап. По 17. поени дадоа Крстевски и Тарнер, 14 имаше Мекиќ, а 12 Олуџоби.
На другата страна од игралиштето, по 23. поени за водечкиот двоец, Кесар-Малешевиќ, 14 поени од новакот Силаџи, и уште 10 од Стајиќ.
18.00: Работнички – Еуро Никел 2005
Работнички е во улога на фваорит во оваа серија, Најмногу поради фактот дека „црвено-белите“ досега ги добија сите три натпревари во сезоната.
Беа подобри од кавадарчани во двете средби од регуларниот дел, а и во полуфиналето од Купот „Благоја Георгиевски Буштур“.
Но тоа е само едно добро минато за Работнички, свесни се и избраниците на тренерот Димитар Мираковски дека овие средби се нешто сосема друго во однос на она што го оставиле зад себе.
Во 4. коло од шампионатот, а во натпреварот кој се играше уште на 11.ноември, Работнички го совлада Еуро Никел 2005 со (89:85). А уште „потесно“ беше на дуелот во кавадаречки „Јасмин“ каде на 27.февруари, „центарци“ победија со минимални (84:83).
Благодарение на најдобрата партија на новодојдениот Филип Бундовиќ, кој имаше дури 41.индексен поен на тој меч, односно 27.поени и 12. скока. Кирил Николовски, кој сега е повреден и нема да биде во составот, имаше 17.поени и 8.скока, а Балмазовиќ, кој одамна не е дел од активниот ростер, даде уште 12.
Кај Еуро Никел 2005 на тој натпревар одлично одигра Дубински, кој реализираше 22.поени, Рикиќ имаше дабл-дабл ефект од 17.поени и 15.скока, капитенот Петровски додаде 12, а Перовиќ уште 10.
Работнички беше подобар од Еуро Никел 2005 и во полуфиналето на Купот. На „свој“ терен, пред десет дена, во СРЦ „Кале“, Работнички победи со (85:79).
И уште еднаш, своја вечер имаше Бундовиќ, стрелец на 30.поени, следен од Мулалиќ со 17, и Аска со 12.поени.
Колективниот пристап на стартната петорка, сите со двоцифрен број на поени, не му помогна на Еуро Никел 2005 да стигне до големото финале.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ – ДЕНЕСКА:
16.00: Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром
Сала „Боро Чурлевски“ – Битола
https://youtu.be/_XIEqWaHUac
18.00: Работнички – Еуро Никел 2005
Сала СРЦ „Кале“ – Скопје
https://youtu.be/xQsyRDJq9B4