28.05.2021

„Металците“ беа подобри од битолчани и во СЦ „Јане Сандански“ со резултат (89:78) и ја затворија серијата со (2-0)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ: МЗТ Скопје Аеродром го елиминира Пелистер, и ќе ја „брка“ осмата шампионска титула

Досега играа 14.пати во големото финале. Беа половични во походите на шампионската титула. Но кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се изборија за уште една можност. Да играат и по 15. пат во големото финале, и да се борат за својот осми шампионски пехар и двојна круна во оваа сезона.

Во вториот меч од полуфиналето, по втор пат беа подобри од најдобрата екипа во регуларнито дел – Пелистер.

По втор пат во рок од 48.часа, доволно за да за затворат серијата со брзи (2-0). И од следната недела, по неколку дена одмор, да ја отворат серијата за титула каде за противник ја имаат екипата на Еуро Никел 2005.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ПЕЛИСТЕР           89:78 (2-0)

Одлична прва четвртина одигра домашната екипа. Уште во раната фаза од натпреварот, МЗТ Скопје Аеродром изгради разлика од десет поени (25:15), но играта „два плус еден“ им донесе на битолчани нешто поприфатливи (18:25), како што беше на крајот на првиот период од второто полуфинале, во кој Бојиќ даде седум поени, иако почна од клупата за резервни играчи.

По две минути од втората четвртина, и поентирањето на Крстевски, домашната екипа одново беше на двоцифрена разлика од (31:21), за гостински тајм-аут.

Но „сино-белите“ не направија нешто повеќе од тоа.

„Пелистерци“ постојано беа „тука некаде“, на чекор до израмнување. Имаа (39:41) на нецели две минути пред одморот, но домашните некако успеаја да го одбијат и тој напад, и на полувреме сепак да имаат „вишок“ од пет поени (48:43).

За разлика од домашната екипа каде поентерски, со десет поени се одвои високиот Србин, кај Пелистер, двоен број на поени до паузата реализираа дури тројца кошаркари. Стајиќ, најмногу-11, додека по десет реализации имаше двоецот Кесар-Малешевиќ.

Проблем за гостите, во отсуство на капитенот Трајковски во ротацијата, секако беше малата поддршка од резервните кошаркари од кои само еднаш поентираше Нацевски. Затоа пак на спротивната страна од теренот, МЗТ Скопје Аеродром доби дури 18. поени од „втората работна единица“.

Во третиот дел, во два наврати, гостите од Битола одново дојдоа на -2, прво имаа (50:52), нешто потоа и (56:58). Добра вест за МЗТ Скопје Аеродром беше што почна да погодува Олуџоби, кој беше „фактор икс“ на средбата во Битола.

Токму силниот Американец одново му донесе на својот тим плус 10 (72:62) на почетокот на последната четвртина. А по „техничката“ на Пелистер, беше уште повисоки (80:69). Но и само пет минути до крајот на средбата.

Период од играта во кој гостите од Битола не успеаја да се врата, и да ја продолжат неизвесноста.

МЗТ Скопје Аеродром ќе се бори и за вториот трофеј во оваа сезона, оној многу поважниот-шампионскиот.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ-2. НАТПРЕВАР

Еуро Никел 2005 – Работнички           88:87 (2-0)

МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер     89:78 (2-0)