27.04.2024

Битолчани имаа одлична трета четвртина во која ја обезбедија првата, голема гостинска победа (86:63) во серијата против Работнички

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ: Првиот „брејк“ поен е за Пелистер!

Во првиот натпревар од полуфиналната серија, кошаркарите на Пелистер стигнаа до голема победа на гостувањето во СРЦ „Кале“ каде славеа со убедливи (86:63) и  се стекнаа со почетно водство (1-0) во серијата „кој прв до три победи“ во полуфиналето на плеј-офот.  

РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР        63:86 (0-1)

Гостите од Битола некако подобро го почнаа првиот меч од серијата која треба да даде еден од двата финалисти на овогодинешниот плеј-оф. Делуваа како екипа која има поголема концентрација, барем во тие први 20.минути од првото полуфинале.

Освен тоа, што е особено важно, имаа и постојана резултатска предност. На истекот на првиот период, битолчани водеа со солидни (24:16). Во текот на вториот, имаа уште повисоко водство. Во 12.минута, гостите поведоа со (31:22), а во неколку наврати имаа и еден поен „вишок“ помалку. Имаа и (37:29), а во во 18.минута беше и (41:33), пред Ѓелетовиќ да ги постави конечните (35:41) на истекот на првото полувреме.

Период од играта во кој свои одлични моменти имаше Маслинко, кој освен 11 поени додаде и четири скока, а пријатно изненадување во играта на „лелистерци“ беше и Лука Стојановски, кој постигна и три тројки (од исто толку обиди), за негови девет поени.

Рикиќ беше првото поентерско име кај Работнички. Високиот центар веќе имаше 14.реализации во тие 20.минути, додека Трајс и Ѓелетовиќ искомбинираа уште толку (двајцата по седум).

Уште поважно за стручниот штаб на „зелено-белите“ предводен од тренерот Дарко Радуловиќ, беше тоа што во продолжението освен Маслинко и Стојановски во оној офанзивен дел ги „добија“ Планиниќ и Мијовиќ.

Третиот период од играта беше и најдобриот за гостинската екипа. Десет минути во кои парцијално гледано, креираа (26-12), и водство повисоко од 20.поени, како што беше и на истекот на тој дел, (67:47).

На почетокот на последната четвртина, Пелистер стигна и до највисоките (72:49). Се покажаа како и повеќе од доволни за екипата од Битола да се стекне со почетна предност (1-0) во серијата во која се бараат три победи за финале.

Статистичкиот дел од овој прв полуфинален дуел, вели дека кај Пелистер, Планиниќ реализира 16.поени, Маслинко имаше 15, Мијовиќ 14, Најт 13, а Стојановски уште 12. поени. 

Кај Работнички, Рикиќ застана на 16.поени, Ѓелетовиќ имаше 11, а младиот Шошкиќ уште десет поени.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ - ПЛЕЈ-ОФ - ПОЛУФИНАЛЕ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ – ПРВ НАТПРЕВАР

Работнички – Пелистер  63:86 (0-1)

30.АПРИЛ (ВТОРНИК)

19.00: МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ Моцарт

Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/KmXuDOycQ-Q?si=wMnaZ1yvA0I03wHs

*Сите серии во плеј-офот, се играат според принципот: „подобар од пет натпревари“ и системот „2-2-1“