Само уште една победа ги дели кошаркарите на Работнички од пласманот во полуфиналето на плеј-офот.
Ова откако во уште еден возбудлив натпревар, исполнет и со еден голем резултатски пресврт, по втор пат за неколку дена, излегоа како победници во дуелот со Феникс 2010.
РАБОТНИЧКИ – ФЕНИКС 2010 100:94 (2-0)
Ефикасна игра прикажаа двете екипи на вториот меч од серијата. А како подобра се покажа гостинската. Го најавија тоа кошаркарите на Феникс 2010 уште во првите десет минути во кои испорачаа дури 29.поени. А тон во играта во нападот даваше Рис, потпомогнат од неговиот сонародник, Метјус.
Ја завршија со предност (29:24), која во првите минути од втората четвртина избраниците на тренерот Денис Дервишевиќ ја зголемија.
Дојдоа и до двоцифрен плус, од 14.поени (41:27).
Работнички имаше проблеми со реализацијата, но како одминуваа минутите, така, домашните кошаркари успеваа да ја намалат таа висока негаатива. Со серијата од (13-4), е доближија на минус од пет поени (40:45).
Но расположениот Метјус го одби тој налет, и го врати Феникс 2010 на двоцифрена позитива (50:40), која на истекот на полувремето, по неговиот 18.поен, беше уште повисока, (53:42).
По „големито одмор“, Работнички притисна уште повеќе, и во неполни седум минути успеа да ја стигне дури и да ја престигне таа голема негатива. По тројката на Трајс, „црвено-белите“ поведоа со (64:63).
Феникс 2010 доби поентерска помош и од Трајковски (трет двоцифрен играч во гостинската екипа), но сега тоа беше доволно само за да се остане во некој егал резултат (67:67), по 28.минути од играта.
По три одиграни четвртини, Работнички имаше убава предност (78:71), креирана во тие десет минути во кои дадоа двојно повеќе поени (36) од противникот (18).
На почетокот на последните десет, Рис „врза“ пет поени, за најава за враќање на „фениксовци“ во игра за победа, (76:78).
Но Трајс, немаше намера да застане...
Потпомогнат од Рикиќ, кој веќе имаше дабл-дабл ефект (21.поен и 12.скока), Декоузи и Ѓелетовиќ, не дозволија Феникс 2010 да се надева на пресврт. Изградија и уште повисоки (90:80) во средишницата на последниот период.
Ама имаше да се игра многу до крајот...
Потоа дојде редот на гостинските кошаркари кои „одговорија“ со серија од (9-0) и најавија нов, неизвесен и драматичен натпревар во СРЦ „Кале“.
На 2:17 минути пред крајот, Работнички водеше со минимални (90:89). А по тајм-аутот на тренерот Горан Самарџиев, одново Трајс и Рикиќ беа тие кои ги симнаа дилемите. Ја вратија предноста на сигурни (94:89), освен тоа гостинските кошаркари влегоа и во серија не нереалзиирани обиди, и на грешки, кога најмалку го посакуваа тоа.
Ги казни Трајс, со својот 32.поен, постави недостижни (96:89), на 44 секунди пред крајот.