06.04.2024

Битолчани имаа одличен почеток, (24:11), кој го претворија во краен успех (94:60) и во водство (1-0) во серијата против Еуро Никел 2005

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ: Силен почеток – сигурен финиш, и прв „поен“ за Пелистер

Одличното „отворање“ кое го имаа битолчани на дуелот со гостите од Кавадарци го одреди и понатамошниот тек на натревар во кој на крајот и му се радуваа на првиот поен во серијата од четвртфиналето на плеј-офот.

ПЕЛИСТЕР - ЕУРО НИКЕЛ 2005 94:60 (1-0)

Се тргна како што посакуваа „пелистерци“ во премиерниот меч од серијата со Еуро Никел 2005. Уште во раната фаза од натпреварот изградија двоцифрена разлика, која на истекот на првиот период беше 13.поени (24:11).

Не попуштија ниту во продолжението од играта, па до големиот одмор, се стекнаа со уште повисоки (43:26).

Најрамноправно се играше во третата четвртина во која двата ривали си поделија по 20.поени, но она најважното, барем за Пелистер беше тоа  дека разликата остана иста, (63:46).

Евидентно беше дека гостите од Кавадарци не се максимално подготвени и сконцентрирани да ги предизвикаат „пелистерци“, барем не на овој прв натпревр од серијата, која ќе продолжи за некоја вечер со уште еден меч во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.

На овој немаше големи дилеми околу победникот. Пелистер одигра максимално, а во оној статистички дел имаше дури петмина кошаркари со двоцифрен поентерски учинок.

Маслинко и Мијовиќ реализираа по 16.поени, Планиниќ имаше и дабл-дабл бројки, односно 11.поени и 10.скока. Најт додаде уште 13, а Драговиќ 10.поени.

Во кавадаречкиот состав, капитенот Соколов беше стрелец на 20.поени, но сериозна поентерска подршка доби само уште од Дубински кој постигна два поени помалку – 18.  

ПРВА ЛИГА-МАЖИ - ПЛЕЈ-ОФ

ЧЕТВРТФИНАЛЕ - ПРВИ НАТПРЕВАРИ

Пелистер - Еуро Никел 2005    94:60 (1-0)

Работнички – Феникс 2010       84:80 (1-0)

МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар      87:68 (1-0)

Чаир 2030 – ТФТ Моцарт           (во тек)

*Сите серии во плеј-офот, се играат според принципот: „подобар од пет натпревари“ и системот „2-2-1“