Вечерва, почна последниот дел од сезоната – Плеј-офот, односно натпреварите во Плеј-аут лигата. А честа да го отворат, ја имаше актуелниот бранител на титулата МЗТ Скопје, кој во Аеродром го дочека составот на Гостивар.
И без особени проблеми го победи, за почетно водство во серијата „подобар во пет натпревари“.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ГОСТИВАР 87:68 (1-0)
Гостиварци имаа само три погодени обиди од поле (од вкупно 16) во девет минути во кои МЗТ Скопје веќе беше доста далеку. Имаше големи, плус 16, (23:7), за тој прв период од играта да заврши со (25:10).
Со серијата од (7-0) на почетокот на втората четвртина, гостите намалија на едноцифрена (17:25), но тоа беше се што направија во таа насока, да дојдат до уште пониска. Само уште во еден момент беа во слична ситуација, кога беа на -11, (22:33).
Сепак, МЗТ Скопје има рутинери, кои знаат да играат вакви натпревари, за кратко време, ја вратија „стандардната“ предност. По тројката на Робев, поведоа аеродромци и со (45:26) како што беше резултатот во 18.минута, за на полувремето да биде слично (49:32).
Одлично функционираше „линијата“ Баковиќ-Танасковиќ кои во тој дел од мечот искомбинираа 23.поени, но и 14. скока (двајцата по седум). А седум скока, интересно, покрај шестте поени, во првото полувреме имаше и Војдан Стојановски.
По лошиот старт, гостиварци некако ја „стабилизираа“ играта во вториот период, пред се, по заслуга, во фазата на нападот, на Вилијамс (десет поени) и младиот Златевски (имаше девет реализации).
Ни по одморот, работите на теренот не се сменија, би се рекло и очекувано.
Бранителот на титулата (хендикеп со неиграњето на Бојан Крстевски), имаше апсолутна контрола и на играта и над резултатот. На истекот на третиот период, „сино-белите“ имаа и највиски (73:50), но и уште двајца „двоцифрени“ (Делалиќ и Петков), па во оној последниот, тренерот Васко Атанасов може да биде уште „послободен“ во ротациите пред она што следува, четвртфиналето во АБА 2 лигата и првиот меч со екипата на Широки во среда навечер, на истото место, во СЦ „Јане Сандански“.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ - ПЛЕЈ-ОФ
ЧЕТВРТФИНАЛЕ - ПРВИ НАТПРЕВАРИ
МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар 87:68 (1-0)
6.АПРИЛ (САБОТА)
18.00: Работнички – Феникс 2010
Сала СРЦ „Кале“ - Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/CQhRA7hw19M?si=j_iquqVxBzuRbSI5
19.00: Пелистер - Еуро Никел 2005
Сала „Боро Чурлевски“ – Битола
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/9YbDpZ1AqvI?si=cAhO3I9h4v7ow7dA
21.00: Чаир 2030 – ТФТ Моцарт
Сала „Шабан Трстена“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/qPLQB6fa8Sk?si=HBKHDrWshPmtDBhj
*Сите серии во плеј-офот, се играат според принципот: „подобар од пет натпревари“ и системот „2-2-1“
ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА: „Лавовите“ до полн плен на гости во Охрид
ОХРИД – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП 88:93
Доста ефикасно одиграа двете екипи во првата четвртина во која на крајот онаа почетна иницијативата гостите од Скопје ја искористија и да имаат предност, иако и не така висока, имаа (23:20) по истекот на 10.минути.
Навико Академија ФМП беше подобрата екипа и во втората четвртина. Период од играта во кој тимот на тренеот Љупчо Малинков изгради предност од осум поени (33:25). Нешто подоцна, поточно во 18.минута, ја имаа истата (43:35).
Но во последните две минути од првото полувреме, охриѓани одново, со мини-серија од шест поени, се доближија, сега на (41:45).
Полувреме во кое Робертс имаше 15.поени кај „лавовите“. Додека на другата страна, кај Охрид, Андерсон се издвои на 19.реализации додека Лајонс имаше десет.
По паузата, Навико Академија ФМП имаше и повисоко водство (58:51), но од средината на тој период, охриѓани заиграа како што посакуваат. И во тие пет минути направија резултатски пресврт, и последната четвртина ја дочекаа со минимално водство (70:69).
Домашните кошаркари ја продолжија серијата и во воведните минути од последната четвртина се одвоија на (75:69). Евидентен беше заморот кај гостите кои во Охрид допатуваа и играа само со девет играчи.
Но најдоа сили да го свртат резултатот во своја корист, и одново да поведат, макар и со минимални (79:78), како што стоеше на семафорот по тројката која дојде од Пајиќ. Токму тој, со помош на Петровски и Робертс, донесе уште повисоки (84:80) за гостинскиот тим, на две и пол минути пред крајот. А кога искусниот Пајиќ даде уште една тројка (петта за него, и 18.поени), за (89:91) беше јасно дека победата е за Навико Академија ФМП, за нив петта, колку што има и Охрид.
Инаку, вториот меч од првото коло од Плеј-аут лигата ќе се игра утре вечер, во Гевгелија, каде од 18.часот, ќе се сретнат екипите на Кожув и на Вардар.
ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 1. КОЛО
Охрид – Навико Академија ФМП 88:93
6.АПРИЛ (САБОТА)
18.00: Кожув – Вардар
Сала „26. април“ – Гевгелија
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/mLa6O8eozEc?si=nS8sVJEXdPShJvCQ
ТАБЕЛА: Навико Академија ФМП 28, Кожув 27 (-1), Охрид 27, Вардар 25 (-1);