14.05.2025

Во вториот меч од полуфиналето, „црно-белите“ направија голем пресврт, негативата од 13 поени ја претворија во голема победа (71:59)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ: ТФТ е се поблиску до финалето

Кошаркарите на ТФТ поведоа со (2-0) во полуфиналето на плеј-офот односно серијата против Работнички.

Иако беа во голема негатива во средината на вториот период, со одлично второ полувреме, стигнаа до вториот поен во серијата, па сега се на само еден чекор до пласман во големото финале, и шанса да се борат за шампионската титула.

ТФТ – РАБОТНИЧКИ        71:59 (2-0)

Одличен почеток имаше гостинската екипа. Предводена од расположениот Ѓуроски, уште во раната фаза од овој втор полуфинален натпревар Работнички се стекна и со двоцифрено водство (21:9), како што беше во седмата минута. Но до истекот на тој прв период ТФТ „симна“ на (18:24).

Во слично темпо се одвиваа настаните и во воведните минути на втората четвртина. Работнички, по 14. поен на Ѓуроски стигна и до плус од 13.поени, (32:19).

Парираше Говенс на другата страна од теренот (комплетираше 10.поени). А по тројката на Василевски, ТФТ ја преполови таа негатива, се доближи и на (27:32).

Но „црвено-белите“ имаа одговор, со пет поени по ред, одново ја вратија двоцифрената предност, сега на (37:27). Уследи нов пад во играта на Работнички што ТФТ знаеше да го искористи и до истекот на првиот дел одново ја намали негативата, исто така на пет поени (32:37).

Но тука не беше и крајот на проблемите за гостинската екипа. Она што го посакуваа, домашните кошаркари го реализираа во првата половина од третата четвртина, онаа во која направија вистински резултатски пресврт, поведоа со (46:44).

Не се задоволија со тоа домаќините, напротив, притиснаа уште повеќе, особено во одбраната.

Во тоа одлично, за нив, второ полувреме, го сведоа противникот на само 22 поени (по 11 во една четвртина), на другата страна дадоа 39. За голем пресврт и втора повбеда во серијата во која свои блескави моменти имаше Ташовски, стрелец на 20.поени (4/7 за три поени), но и Говенс, кој допиша 17, следени од Браун со дабл-дабл од 13.поени и 10.скока.

Кај Работнички, кој ќе биде домаќин на наредниот трет натпревар, Ѓуроски застана на ефект од 18.поени и 4.скока, додека Робев беше само вториот „двоцифрен“ гостински играч, со 10.реализирани поени (и четири скока).

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ

ПОЛУФИНАЛЕ - ВТОР НАТПРЕВАР

ТФТ – Работнички            71:59 (2-0)

МЗТ Скопје Аеродром - МКК Куманово     82:76 (2-0)