17.04.2024

Во драматична завршница,со „пеналот“на Хаутон на 1.4 секунда пред крајот, ТФТ Моцарт го победи Чаир 2030 (70:69) за (3-1) во серијата

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ: ТФТ е трет полуфиналист

Четвртиот меч од серијата на плеј-офот не можеше да помине без драматични моменти. ТФТ Моцарт имаше двоцифрен плус, но гостите од Чаир немаа намера да се предадат. Ја анулираа високата негатива, имаа два обиди да поведат и да победат. Стигнаа на чекор до „мајсторката“, но една грешка во финалните секунди ги чинеше многу - пораз. 

ТФТ Моцарт е третиот финалист на плеј-офот, и ќе го чека победникот од серијата во која МЗТ Скопје Аеродром води со (2-0) против гостивар.  

ТФТ МОЦАРТ - ЧАИР 2030         70:69 (3-1)

Гостите од Чаир имаа подобро отворање на овој 4. натпревар од четвртфиналната серија. Предводени од Галовеј, Роби и Далгер, по осум минути игра имаа солидни (18:12). Само како најава дека се подготвени да дојдат до т.н. „мајсторка“, односно и петти меч кој ќе го одлучи полуфиналистот број 3 во плеј-офот. А на истекот на првиот период, Чаир 2030 водеше, но со нешто пониски (20:17).

При резултат (27:30) во втората четвртина, се играше долго време без поени на двете страни од теренот во СРЦ „Кале“. Односно пред да дојдат шестте гостински поени, за водство (36:29). Но Калхун не дозволи нешто повеќе од тоа, ја сведе предноста на противникот на само „еден посед“, (34:36). Откако „разменија“ по една „тројка“ со Галовеј, разликата остана иста, (40:38) во корист на Чаир 2030 пред почетокот на големиот одмор.

А на почетокот на третата четвртина – пресврт...

ТФТ Моцарт направи серија од (12-4) со која го презема водството. Поведе домашната екипа со (50:44) во средина на тој дел од играта. Во серија на нреализирани обиди влегоа чаирчани, што екипаѕта од талфталиџе го искористи да направи уште повисока предност. Ја продолжија серијата на (17-4) за сега веќе двоцифрени (55:44).

Освен Калхун, одлично во офанзивниот дел функционираа и Ташовски и Николов, кои исто така станаа „двоцифрени“.

Со идентична предност заврши тој дел од натпреварот, ТФТ Моцарт водеше со (60:49).

Тешко поентираа двете екипа на почетокот на четвртината на одлука. Но гостите успеаја во обидите да се доближат, односно да намалат на достижни (59:66) на неполни три минути до крајот. 

Се покажаа како драматични, по заслуга на гостите. Кои не с епредаваа, дури и кога една минута подоцна имаа минус од шест поени (62:68). За само една минута, чаирчани реализираа седум, не примија ниту еден поен, и успеаа да поведат (69:68), по тројката на Роби, по која останаа само 54. секунди за одлука.

Ташовски беше половичен од линијата за слободни фрлања, за (69:69), а Галовеј не погоди, можеби и за победа на Чаир 2030. Последниот напад го имаа домаќините, но Ташовски направи грешка, и им даде уште една шанса на гостите. Но Роби не го погоди шутот за триумф, а згора на тоа Далгер го фаулираше Хаутон. Не го погоди првото, но затоа беше прецизен во второто, за (70:69), за крај од мечот кој го даде третиот полуфиналист на доигрувањето за титулата, а во кој „трилингот“ на ТФТ Моцарт, Ташовски-Николов-Калхун, искомбинира 47. поени.

Кај Чаир 2030, најмногу работи во играта зависеа од Галовеј, кој заврши со 26.реализирани поени (и десет скока) и Роби кој дополни со 19.поени

ПРВА ЛИГА-МАЖИ - ПЛЕЈ-ОФ - ЧЕТВРТФИНАЛЕ

РЕЗУЛТАТ – 4. НАТПРЕВАР

ТФТ Моцарт - Чаир 2030           70:69 (3-1)

*Сите серии во плеј-офот, се играат според принципот: „подобар од пет натпревари“ и системот „2-2-1“