ТФТ и Работнички одиграа доста израмнет, динамичен, а на крајот и драматичен натпревар.
Победникот беше решен по пет минути плус, откако во регуларниот дел двата големи ривали си поделија по 86.поени, и во кои ТФТ се снајде многу подобро и го победи Работнички, за стартни (1-0) во полуфиналето на плеј-офот.
ТФТ – РАБОТНИЧКИ 98:90 (1-0)
Доста ефикасно прво полувреме одиграа големите ривали, некогаш и „соседи“ ако се земе в предвид дека своите мечеви двете екипи ги играа во салата на СРЦ „Кале“, добро исполнета за овој прв меч од полуфиналната серија на плеј-офот.
„Домашната“ екипа беше подобар ривал, практично од самиот почеток тимот на тренерот Боро Смилковски оствари солидна резултатска предност, која на истекот на десет минути изнесуваше девет поени (25:16).
По тројката на Гринли, во 13.минута, ТФТ поведе и со двоцифрена разлика (31:21). Но Работнички имаше одговор, „спушти“ на (27:31), за кратко време. Потоа и идентични (34:38), па (39:43), за на полувремето ТФТ да стигне до скоро иста позитива која ја имаше и по почетната четвртина (49:41).
Браун постигна 11.поени за екипата домаќин, а исто толку поени, на другата страна имаше Роше.
Во продолжението на натпреварот, уште поизрамнета игра, што индиректно му одговараше на тимот во „црно-бела“ комбинација, кој ја одржуваше позитивата изградена во првото полуѕвреме.
По три одиграни периоди беше (70:62)...
Разликата во корист на ТФТ беше повторно двоцифрена (77:67), кога се играше 33.минута. Но упорните гости не застанаа со притисокот, и пред крајот на регуларниот дел стигнаа до израмнување. Прво на (83:83), а во последната минута имаа и (86:86), но и едно неискористено слободно фрлање (она на Шошкиќ) за да преминат во водство.
Последниот напад го имаше ТФТ, но шутот вреден победа не го искористи Зафиров, па мораше да се играат дополнителни пет минути.
А во нив потполна доминација на домашниот состав, кој направи скор (12-4), доволен за почетно водство во ова серија, која евидентно, ќе биде мошне взобудлива и неизвесна.
Во овој „прв чин“, свои, поентерски моменти кај ТФТ имаа Гивенс (реализираше 25.поени), Браун, кој даде 21, а двоен број на поени имаа и Хотон (12), односно Гринли (даде 10).
Кај Работнички,четири играчи од стартните пет имаа двоцифрен број на реализации. Искусниот Ѓуроски дојде до 20, Дубински имаше 19, Роше 15, а Шошкиќ заврши со десет реализации.
Ден порано, МЗТ Скопје Аеродром славеше убедлива победа над МКК Куманово (81:64) и се стекна со почетна предност (1-0) во серијата „подобар од пет натпревари“.