Во салата „Независна Македонија“, својот трет меч од серијата вечерва го одиграа екипите на Работнички и ТФТ. Трет пат по ред, а сценариото остана исто, или слично на некое од претходните одмерувања на силите помеѓу локалните скопски ривали.
И уште еднаш со успех на ТФТ, клубот кој, патем кажано, дојде до историско постигнуавње, за прв пат во својата историја, ќе има шанса да дојде до шампионската титула, и тоа преку настап во финалето каде ден порано се пласираше бранителот на трофејот, МЗТ Скопје Аеродром.
РАБОТНИЧКИ – ТФТ 73:92 (0-3)
Првата четвртина беше одбележана со висока ефикасност, на двете страни од теренот, а на истекот на десетте минути, Работнички имаше минимална предност (27:25).
Одличен вовед во мечот во домашниот тим имаше Дубински, кој веќе имаше 12.поени, додека преостанатите 15 ги искомбинираа Ѓуроски и Роше.
На другата страна сите стартери, освен Зафиров „влегоа“ во поентерскиот дел од протоколот на овој меч.
Работнички поведе и со (32:27), но се друго, не само до крајот на втората четвртина, беше на срана на гостинската екипа. До големиот одмор, ТФТ направи резултатски пресврт.
Од минус 5, стигнаа гостите до плус од десет поени (48:38).
Блескаше Говенс кој шутираше беспрекорно точно, застана на 13. реализации во тоа прво полувреме во кое „црно-белите“ ја најавија победата и во овој трет меч од полуфиналето.

И не се задоволија со тоа, затоа што во средината на третата четвртина, гостите имаа и уште повисоки (62:47). А три минути подоцна, таа разлика „порасна“ и на 20.поени (69:49).
Тоа Работнички не успеа да го стигне, и мораше да го признае и третиот неуспех во серијата кој од друга страна го промовира ТФТ во втор финалист. Заслужено, ако се знае дека имаа многу порасположени кошаркари, а четворица од нив завршија со двоцифрен број на поени.
Иако го заврши мечот порано, Говенс беше најефикасен играч на ТФТ, даде 18.поени, еден помалку имаше Стојаноски, Браун уфрли 15, а Хаутон 14.поени.
Кај Работнички, кој ќе игра за пласман на третото место (против екипата на МКК Куманово), Дубински застана на 15.поени, Ѓуроски имаше 14, а Роше и Хот уште по 11.реализации.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ- ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ
РЕЗУЛТАТИ - ТРЕТ НАТПРЕВАР
Работнички – ТФТ 73:92 (0-3)
МКК Куманово - МЗТ Скопје Аеродром 61:88 (0-3)