25.05.2024

„Металците“ и по трет пат беа подобри од Пелистер во финалната серија (78:67) за (3-0), и вкупно 11.шампионско одличје во историјата

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ–ФИНАЛЕ: МЗТ Скопје Аеродром ја продолжи шампионската низа, дојде и до петтата, по ред, титула!

МЗТ Скопје Аеродром е нов-стар шампион на Македонија, откако и во третиот натпревар од финалната серија на плеј-офот беше подобар од стариот и добро познат „предизвикувач“ - Пелистер.

Уште еднаш, крунисувањето е во Битола, каде вечерва, екипата од Аеродром по петти пат по ред, односно 11. во својата историја, стигна до шампионскиот пехар, наменет за најдобрата екипа во македонскиот шампионат.  

ПЕЛИСТЕР – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ          67:78 (0-3)

Битолчани одлично го отворија третиот меч од финалето. За четири минути од играта поведоа со (13:14), нешто потоа имаа и (15:8). Но до крајот на првото полувреме, МЗТ Скопје Аеродром направи пресврт. Не само што ја стигна стартната негатива туку првата четвртина гостите од Скопје ја решија во своја корист со (20:18).

Недостаток на играчи за скок-игра, „пелистерци“ некако го компензираа со одлична реализација во шутот, пред се за три поени, каде доминираше Костоски, а со два точни обиди за три, уште во првиот период, помогна и Мијовиќ.

Искусниот бек на „бело-зелените“ ги погоди првите четири обиди зад линијата од 6.75 метри. Доволно за Пелистер да ја врати водството на своја страна (29:25).

Младиот Петков беше „освежувањето“ во играта во нападот за МЗТ Скопје. Со помош на осумте поени на младиот репрезентативец, гостите успеаја да ја вратат предноста на своја страна, макар и минимална.

На другата страна од теренот се чекаше друг играч. освен Костоски, кој ќе „повлече“ во нападот. Делумно тоа беше Мијовиќ, кој погоди уште еднаш за три поени. За нова промена на водството (35:33), во 17.минута од натпреварот.

Голема предност за бранителот на трофејот беше подобрата скок-игра. Имаа дури седум скока повеќе од противникот, скоро половина од оние 22 (десет, беа во фазата на нападот).

Но и покрај тоа, крајот на полувремето донесе предност за Пелистер (43:39), креирано од двоецот Костоски-Мијовиќ, кои искомбинираа 29, од тие 43. поени за домашната екипа.

Домаќините имаа и подобар старт на второто полувреме, во кој во два наврати се стекнаа со плус од седум поени (50:43), во 23.минута. А нешто потоа имаа и (54:47).

Но тројките кои дохдоа до Гилон, потоа и Делалиќ го вратија шампионот кон вистинската насока. Отворија серија до (11-0), за позитива од пет поени за „металците“ (61:56).

Без „продолжена клупа“ тешко им одеше на битолчани во овој трет сегмент од третото финале. По три одиграни четвртини, МЗТ Скопје водеше со (61:57).

Гостите од Скопје имаа уште повиска предност, на почетокот на последниот дел, (66:57). Петков продолжи со својата добра игра, во нападот се приклучи и Делалиќ, кој исто така стана и „двоцифрен“.

Домаќините застанаа на само два поени, за скоро пет минути игра во четвртата четвртина.

И не успеаја да се подигнат токму во тие минути на одлука, кога стигна промоцијата на ново-стариот шампион на Македонија.

По трет пат по ред, МЗТ Скопје беше подобар од Пелистер во финалната серија, заслужено, за нов пехар во витрините на клубот од „Јане Сандански“.