Старт на финалната серија од плеј-офот, трета година по ред, за шампионскиот пехар се борат екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер. Во претходните две подобри беа „металците“...А на почетокот на оваа трета серија од финалето, стигна уште една победа на „сино-белите“.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ПЕЛИСТЕР 82:77 (1-0)
Бранителот на титулата беше подобар во првото полувреме. Имаа популарните „металци“ постојана резултатска контрола. Во неколку наврати предноста беше изразена со две бројки на семафорот. По нецели шест минути игра, МЗТ Скопје поведе со (21:11), Пелистер симна половина од таа негатива до истекот на првата четвртина (23:28).
Идентично се одвиваа настаните на теренот во СЦ „Јане Сандански“ и во втората четвртина. Одново „металците“ стигнаа до двоцифрен плус (35:25), кога се играше 13.минута. Битолчани одново таа негатива ја преполовија на (30:35), потоа и на (34:39), но шампионот, се чини, имаше повеќе расположени играчи на овој меч во кој се врати искусниот репрезентативец Бојан Крстевски, кој беше од голема помош во внатрешната линија, а стигна да уфрли и две тројки.
Довoлно за екипата која го брани тронот, одново да има позитива од десет поени, сега и на полувремето (50:40).
Дел од играта во кој Гилон даде 11.поени, Д.Стојановски 10, а Танасковиќ еден помалку за домашниот тим. Во гостинскиот пак, „двоцифрени“ беа Костоски, реализатор на 13.поени, и Планиниќ, кој го следеше со десет, еден помалку запиша Маслинко.
Она што гостите не успеаа да го направат во првото полувреме, успеаја во првата половина од третата четвртина. Не само што го стигнаа двоцифреното водството на МЗТ Скопје, туку стигнаа и до водство. Во 26.минута предизвикувачот по прв пат поведе, по тројката на Костоски, односно серијата од (10-0), беше (56:54) за Пелистер. Но Робев и Делалиќ не дозволија противникот да ја има предноста на крајот на оваа делница.
Во последната, фаворитот влезе со предност, но минимална (67:65).
Во неа „се појави“ Лука Стојановски, прво да го врати водството (66:65), на страна на Пелистер, а потоа, со нова тројка, и да го остави својот тим во игра за „брејк“ во Скопје (69:70).
Сериозен хендикеп за МЗТ Скопје пак беше повредата на Војдан Стојановски, кој мораше да се пресели на клупата.
Сепак, од егал ситуацијата МЗТ Скопје „излезе“ со тројката на Баковиќ, а потоа и „два плус еден“ играта на Танасковиќ, за наизглед недостижни (80:74) пред последните две минути од првото финале.
Во нив, Магдевски и Планиниќ го доближија Пелистер на -3, (77:80), кога до крајот остана 1:18 минута. Танасковиќ освои една важна топка, но погоди само едно слободно фрлање за (81:77), по што уследи грешка на Магдевски. Но „пелистерци“ упропастија уште еден напад, кој скапо ги чинеше – пораз!
Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски застана на ефект од 15.поени, Танасковиќ имаше 13, Гилон и В. Стојановски имаа по 11 (најголем дел од нив во првото полувреме).
Во гостинската екипа, пред да направи пет лишни грешки, Планиниќ постигна 19.поени (но и 8.скока и 7.асистенции), по 16.имаа Маслинко и Костоски.