Зад нас веќе е регуларниот дел од сезоната, односно 22. одиграни кола...
А пред нас се возбудувањата кои со себеги носи Плеј-офот, каде осумте најдобри од првиот дел, ќе се борат за шампионската титула, но и Плеј-аут лигата во која два од четирите екипи ќе се изборат за играње во оваа конкуренција и во наредната натпреварувачка сезона...
ПЛЕЈ-ОФ
Екипата на МЗТ Скопје Аеродом ќе ја брани шампионската титула, односно титули освоени во изминатиот период, во, се чини, доста поизедначеното доигрување во кое, евидентно, како најголем конкурент, ќе биде нивниот вечен опонент низ историјата – Работнички!
Ќе се игра според добро познатиот систем, четвртфинална фаза со учество на осумте најдобро рангирани во првиот дел од сезоната, по што следува полуфиналната, и онаа финалната која ќе го даде навистина најдобриот во натпреварувачката сезона 20232/24.
Пласман во секоја наредна серија ќе обезбедат екипите кои први ќе дојдат до три победи во сериите кои пак ќе се играат според принципот „2-2-1“.
Односно првите два натпревари од серијата на подобропласираната екипа, наредните две на теренот на понискорангираната. А доколку биде потребно, т.н. „мајсторка“ односно петтиот меч од серијата повторно ќе се игра на теренот на подоброрангираната екипа.
А борбата за новиот шампионски пехар, „металците“ ќе ја почнат во петок навечер (од 19.часот), во СЦ „Јане Сандански“, против екипата на Гостивар, која првиот дел од сезоната го заврши како осмопласирана. Важат за апсолутни фаворити против екипата која претходно, во оваа сезона ја совладаа три пати, (последниот пат во четвртфиналето од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ во Битола).
Останатите три четвртфинални натпревари, први во сериите, ќе се одиграат во саботниот термин.
Се чини најголемиот конкурент на аеродромци, екипата на Работнички, која и заврши со идентичен скор во првиот круг (18-4), во сабота, од 18.часот, во СРЦ „Кале“, ќе биде домаќин на екипата на Феникс 2010.
И ако „се мери“ според последниот одигран натпревар помеѓу овие две екипи, „црвено-белите“ се во голема предност, особено што „подолгата клупа“, во серии кои може да „траат“ и пет натпревари и дефинитивно е на страната на екипата на Работнички, кој пред себе има доста понеискусен тим, макар што во него сеуште има играчи како Трајковски, Димчевски...
Еден час подоцна, својот прв меч од серијата „подобар од пет“ во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, ќе го одиграат екипите на Пелистер и на Еуро Никел 2005.
Битолчани имаат предност на играње на домашен терен во првите два меча (и евентуалниот петти), но од друга страна, вреди да се напомене дека досега, двата ривали во оваа четвртфинална серија победија на гостински терен.
Пелистер го доби Еуро Никел 2005 во Кавадарци (66:60), додека кавадарчани се реваншираа со победата во Битола (83:81), што индиректно значи дека оваа предност, во оваа четвртфинална двојка и не е така значајна, или пресудна.
Возбудувања и дефинитивно нема да изостанат и во дуелите во кои ќе играат две скопски екипи – Чаир 2030 и ТФТ Моцарт.
Серијата стартува во сабота навечер од 21.часот, во салата „Шабан Трстена“ во Чаир. А во оние претходните, „поделија“ по една победа и еден пораз, што ја прави оваа серија уште понеизвесна. И многу извесно дека првиот меч може и да го одреди понатамошниот тек на настаните. И нема да биде никакво изненадување доколку серијата биде решена и во пет натпревари.
ПЛЕЈ-АУТ
*Паралелно со плеј-офот ќе се играат и натпреварите од новоформираната „Плеј-аут“ лига. На четирите екипи со најслаб ефект по 22 одиграни кола, а кои со пренесени резултати од првиот дел), ќе одиграат уште по шест натпревари, а по кои двете екипи со најслаб резултат ќе се преселат во Втората лига.
Пред почетокот на оваа втора фаза, екипите на Кожув и на Охрид имаат сериозна предност, односно една повбеда повеќе во однос на Навико Академија ФМП, и дури две во однос на Вардар. Екипа која и дефинитивно ќе има ѓаволски тешка задача, во шест кола да го надмине резултатот на екипите од Гевгелија односно од Охрид.
Првата шанса, „вардарци“ ќе ја имаат во сабота навечер (18.часот) во салата „26. април“ во Гевгелија, кога едноставно мора да го совладаат домашниот тим доколку сакаат да ги направат шансите за опстанок – (по)реални.
Ден порано, во петок (од 19.шасот), кошаркарите на Охрид на свој терен во салата „Билјанини извори“ го дочекуваат составот на Навико Академија ФМП. Со евентуален успех, охриѓани ќе ги зголемат шансите за останување во друштвото на најдобрите каде влегоа ланската сезона. Секако, својата шанса за успех ќе ја бараат и кошаркарите од Кисела Вода, на кои и дефинитивно им треба еден „брејк“ на гостински терен, пред се, за да ја анулираат онаа стартна негатива која ја имаат во однос на својот петочен ривал, но и оној од Гевгелија.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ПЛЕЈ-ОФ – ЧЕТВРТФИНАЛЕ
ПРВИ НАТПРЕВАРИ
5.АПРИЛ (ПЕТОК)
19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар
Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/hgw6NrY9i7U?si=o19-Xu9pagHI-g1d
6.АПРИЛ (САБОТА)
18.00: Работнички – Феникс 2010
Сала СРЦ „Кале“ - Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/CQhRA7hw19M?si=j_iquqVxBzuRbSI5
19.00: Пелистер - Еуро Никел 2005
Сала „Боро Чурлевски“ – Битола
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/9YbDpZ1AqvI?si=cAhO3I9h4v7ow7dA
21.00: Чаир 2030 – ТФТ Моцарт
Сала „Шабан Трстена“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/qPLQB6fa8Sk?si=HBKHDrWshPmtDBhj
*Сите серии во плеј-офот, се играат според принципот: „подобар од пет натпревари“ и системот „2-2-1“
ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА
ДВОЈКИ 1. КОЛО
5.АПРИЛ (ПЕТОК)
19.00: Охрид – Навико Академија ФМП
Сала „Билјанини извори“ – Охрид
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/3sa6OPgAQ00?si=XnZ7349KgwSK7nyl
6.АПРИЛ (САБОТА)
18.00: Кожув – Вардар
Сала „26. април“ – Гевгелија
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/mLa6O8eozEc?si=nS8sVJEXdPShJvCQ
ТАБЕЛА: Кожув 27, Охрид 26, Навико Академија ФМП 26, Вардар 25;