Зад нас се 22 кола, а пред нас почетокот на доигрувањето за шампионската титула, како и она за опстанокот во друштвото на најдобрите.
Екипите наредени од првата до осмата позиција, овој викенд ја стартуваат четвртфиналната серија која треба да ги даде четирите полуфиналисти. Од друга страна, оние кои завршија од 9. до 12. позиција, ќе се борат за две места кои носат играње во Првата лига и во следната натпреварувачка сезона.
Согласно со пропозициите, место во полуфиналето ќе обезбедат екипите кои први ќе дојдат до две победи во серијата „подобар во три натпревари“.
А согласно со распоредот, четвртфиналните мечеви ќе се играат на 29 и 30. април, потоа на 3. или 4. мај, а евентуалните трети натпревари, или т.н. „мајсторки“ наредниот викенд, односно на 6. или 7. мај.
Во саботниот термин ќе се одиграат два натпревари, од 18.00 часот, ТФТ Моzzart е домаќин на Еуро Никел 2005, во салата „Младост“ Гостивар го пречекува Работнички.
29.АПРИЛ (САБОТА)
18.00: ТФТ Моzzart – Еуро Никел 2005
Во СРЦ „Кале“ екипата на ТФТ за провник ќе го има составот од Кавадарци. „Црно-белите“ имаат некоја предност, ако се земе в предвид дека ги добија двата натпревари во регуларниот дел од првенството. Но плеј-офот е едно сосема друго натпреваруавње во кое, барем во четвртфиналето, треба да се направат уште две победи за место во полуфиналето.
„Навистина сме задоволни со текот на сезоната и со резултатите на нашата екипа, особено во ситуација во која сигурно ќе има и неколку моменти за нашиот клуб кои ќе останат испишани во нашата историја. Пред се, од аспект на растење на нашата организација би се навратил на самиот почеток и учеството во квалификациите за ФИБА Лигата на шампионите, а потоа и организацијата на квалификацискиот турнир во Скопје, што со сигурност претставува едно поважните случувања во историјата на македонската клупска кошарка. За прв пат бевме и учесници во АБА 2 лигата каде имавме променливи резултати. Меѓутоа на крајот, доколку ги сумирам сите импресии и резултати навистина сметам дека треба да бидеме задоволни од нашето дебитантско учество во лига во која сметаме и се стремиме да бидеме стандардни учесници во годините што доаѓаат.
И иако можеби сеуште не освоивме некој трофеј, резултатски, како пласман, ја имаме најуспешната сезона во нашето постоење ако се знае дека завршивме на третото место во регуларниот дел, со што и ја исполнивме нашата примарна цел, да обезбедиме пласман во АБА 2 лигата и за наредната сезона“- анализира Смилковски за она што беше.
А за она што следува, почнувајќи од саботниот меч со Еуро Никел 2005, тренерот на екипата од Тафталиџе додава:
„Релаксирани, без императив на резултат, влегуваме во плеј-офот, спремни да изненадиме, како и многу пати до сега. Имаме искусен противник во четвртфиналето. Сезонава одигравме два натпревари кои успеавме да ги добиеме, а беа комплетно различни еден од друг. Ако на првиот имавме одлични офанзивни перформанси и добра шутерска вечер, на вториот можеби го одигравме и најдобриот дефанзивен натпревар оваа сезона. Сепак ова е плеј-оф и се почнува од ‘нула’. Со малку изменети ростери, меѓутоа противници кои добро се познаваат мегу себе.
Очекувам да ја искористиме предноста на домашен терен, ми се чини и поголемата ротација како и ритамот на натпревари сабота-среда, нешто што нас повеќе ни одговара. Очекувам добра кошарка и пласман во полуфиналето на плеј-офот. Влегуваме резултатски растоварени, меѓутоа и тоа како спремни да се бориме и до последниот здив за поголем успех.
Со мислите на противникот во четвртфиналето, лично сонувам за финале, а потоа, а во сништата се е дозволено и нема ограничувања“- дополнува Смилковски.
Неговиот колега од редовите на Еуро Никел 2005, Горан Самарџиев очекува неговиот тим да дојде до победа против ТФТ, која за нив би била прва во оваа сезона, чиј досегашен дел го оценува како задоволителен:
„Дали сум задоволен од сезоната? Може да кажам дека можевме барем едно место погоре на табелата да завршиме. Но со оглед на системот на натпреварување тоа и не е многу значајно бидејќи две средби одлучуваат за влез во полуфинале.
Во двата натпревари оваа сезона ТФТ два пати нè победи и сега искрено се надевам дека ние ќе извојуваме две победи. Плеј-офот е специфично натпреварување каде што нема многу поправни испити така што мора да бидеме на ниво, од првата до последната минута. Очекувањата се како и на сите тимови, а тоа е да се пласираме во полуфиналето. Но за тоа ќе треба да одиграме максимално добро, и со што помалку грешки. Очекувам добра и фер игра од сите актери на теренот“.
18.00: ГОСТИВАР – РАБОТНИЧКИ
Има место за задоволство во Гостивар по првиот дел од првенството. Обезбеден е пласман во првата „четворка“, предност на домашен терен во серијата со Работнички, која за предводникот од клупата Љупчо Малинков е исклучително важна во вакви серии.
„Задоволен сум од она што досега се случуваше во домашниот шампионат кога се зборува за КК Гостивар. Успеавме да ги добиеме сите средби на домашен терен, дојдовме до четвртото место на табелата. Тоа ни носи предност, односно играње на домашен терен на кој досега ги реализиравме во наша корист сите мечеви.
Работнички е екипа во подем, која го потврди во оној втор дел од сезоната во кој се ‘дигнаа’. Со серија на победи дојдоа во ситуација да бидат и пред нас. И за нас во овој момент е особено важно да ја продолжиме таа „традиција’ на победување на домашен терен. Со добра игра и сериозна поддршка од публиката во салата ‘Младост’ мислам дека ќе бидеме поблиску до целта – пласман во полуфиналето на плеј-офот“.
Работнички ќе мора да направи „брејк“ на местото каде во овој дел од сезоната не го реализирал тоа – да биде подобар од Гостивар.
Шефот на струката на тимот од „Градски парк“. Димитар Мираковски со мал осврт на досега одработеното:
„Секогаш може подобро, но може и полошо. Се обидувавме да се држиме до планот од почеток на сезоната. Да добијат шанса дел од играчите од нашата школа. Меѓутоа во исто време и да бидеме колку што може погоре на табелата, што е навистина тешко да се исполнат овие две работи во исто време. На првиот натпревар бевме со едни странски кошаркари, на вториот со други, а сега ќе бидеме со трети. Затоа мислам дека ниеден од тие досегашни натпревари со Гостивар не е мерило за тоа што нè очекува“- вели Мираковски.
А пред саботното гостување во Гостивар со констатација плус дека ќе биде исклучително тешко:
„Наша единствена мисла во моментов е Гостивар. Ќе имаме многу тешка работа пред нас, а против тим што нема пораз на домашен терен. Играчите се свесни за предизвикот и очекувам да изгинат на теренот“.
30. АПРИЛ (НЕДЕЛА)
18.30: ПЕЛИСТЕР – ФЕНИКС 2010
Ако се земе в предвид моменталната позиција на табелата, извесно е дека екипата од Битола важи за фаворит против Феникс 2010, кој во меѓувреме остана без странски кошаркари, а шанса да заиграат повеќе, освен искусните играчи како Бојан Трајковски, Марјан Јанески, и Ивица Димчевски, ќе добијат, и тоа уште поголема, оние помладите во составот кој го креира(ше) тренерот Денис Дервишевиќ.
За тренерот на Пелистер пак, Марјан Илиевски најважно е да го има на располагање комплетниот ростер, што не беше случај во последно време. А Илиевски и неговите соработници може да ги радува играта прикажана во дерби дуелот со МЗТ Скопје во Аеродром, во која беа рамноправни до последните секунди од средбата во СЦ „Јане Сандански“.
„Иако со самиот старт на сезоната беше променет комплетно ростерот на играчи, односно Стајиќ и Караџовски беа, односно имаа договор, новите играчи за кратко време се прилагодија и пристапија професионално. И амбициите кои ги имаше клубот се многу порано исполнети.
Односот кој го имаме сите актери на паркетот и борбеноста која нè краси, ќе се потрудиме да ја задржиме и во плеј-офот, без разлика кој ни е противник.
Повредите, тоа е момент кој не ни е наклонет во подолг временски период, извесно, ќе биде фактор за пласманот во завршницата“ – смета Илиевски.
Феникс 2010 веќе оствари дел од плановите за оваа сезона. Дојде до финалниот натпревар во Купот на Македонија, обезбеди пласман во плеј-офот, каде за противник ја има екипата од која беша подобри во Куп-натпреварот, а загуби во оние првенствените.
„Некои наши планирани цели веќе реализиравме, но јасно е дека нема да застанеме на тоа. Игравме во финалето на Купот, сакаме да одиме што е можно подалеку и во плеј-офот. Ние сме екипа со најмал буџет во лигата, ние сме екипа која во овој дел од сезоната влегува без странски играчи, а играме против екипа која има втор, по големина, буџет во лигата.
Како и да е јас верувам во моите играчи, и мислам дека се е можно во оваа серија. Бевме подобри од нив во оној поважен натпревар, во Купот. Беа подобри од нас во првенството, но тука не е завршено ништо. Имавме доста промени во ростерот, знам дека секогаш може и повеќе, и тоа ќе го барам од моите играчи во оваа серија со екипата од Битола“- вели Дервишевиќ.
19.00: МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – КОЖУВ
МЗТ Скопје ја оправда улогата на прв фаворит и за шампионската титула, стигнаа „сино-беите3 до планираната цел - првто место во првата фаза од првенството, што им гарантира една голема прендост, од играње на клучните натпревари во доигруавњето за титулата, на домашне терен. Нивниот предводник, Драган Николиќ не сака да зборува многу, иако „не бега“ од фактот дека екипта која ја предводи е топ-фаворит за трофејот:
„Околу тоа колку сум задоволен со сезоната, тоа ќе го кажам кога сезоната ќе заврши. Што се однесува за моменталното ‘време на минување’ во лигата, според очекувањата МЗТ Скопје е прв, и има предност на домашен терен во плеј-офот“.
Околу она што следува во четвртфиналето и серијата со Кожув, искусниот тренер го вели следното:
„Кожув има добар тренер, и во последно време ‘се дигнаа’. Оваа сезона МЗТ Скопје и Кожув се сретнаа три пати, и тука нема непознати. Исто како што беше во Купот, очекувам да се игра добра кошарка, и да победи најдобриот. МЗТ Скопје ја презема улогата на фаворит, неспорно“ – вели Николиќ пред неделниот меч во СЦ „Јане Сандански“.
Натпревар и серија за кои свои очекувања споделува и Александар Јончевски, шефот на струката во екипата на Кожув.
„По пауза од неколку години, Кожув повторно се најде во завршницата на првенството. Ќе играме во плеј-офот наместо плеј аут како што тоа беше случај претходно, па следствено на тоа, можам да кажам дека делумно сме задоволни од регуларниот дел од првенството.
Забележавме и победи против поскапи екипи во вториот дел од натпреварувањето и тоа ни дава сила и мотив да сториме нешто повеќе и во плеј-офот. Лесно можевме со една победа плус да завршиме и повисоко на табелата. Но иако вкрстуваме со актуелниот шампион и со единствениот македонски АБА лигаш, имаме свои амбиции и стратегија како би направиле огромно изненадување. Нормално е да противникот е голем фаворит. Меѓутоа, одлично ги познаваме сите негови маани кои оваа година беа клучни за непланирани порази.
Новиот систем на плеј-оф секако ќе донесе многу поинтересни натпревари, па очекувам секој дуел да биде исклучително неизвесен до самиот крај. Освен шампионот кој отскокнува со бројот на квалитетни кошаркари, сите други екипи имаат еднакви шанси за полуфинале. Им посакувам на сите учесници добра и фер игра“ – најавува Јончевски нови добри игри на екипата од Гевгелија, која евидентно, ќе ја има и најтешката задача во четвртфиналето. .
ПРВА ЛИГА МАЖИ - ПЛЕЈ-ОФ- ЧЕТВРТФИНАЛЕ
ПРВИ НАТПРЕВАРИ
29.АПРИЛ (САБОТА)
18.00: ТФТ Моzzart – Еуро Никел 2005
Сала СРЦ „Кале“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/9vHXI35DfGI?feature=share
18.00: Гостивар – Работнички
Сала „Младост“ – Гостивар
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/M2kAMO6WA9g?feature=share
30. АПРИЛ (НЕДЕЛА)
18.30: Пелистер – Феникс 2010
Сала „Боро Чурлевски“ – Битола
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/V3Qo9aTljD0?feature=share
19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Кожув
Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/bf_5d-yHsxw?feature=share