Последното коло од регуларниот дел од сезоната, ќе ги постави работите на своето место. Ќе ги дефинира стартните броеви пред почетокот на плеј-офот, но и оној вкупен број на бодови со кои ќе стартуваат мечевите во Плеј-аут конкуренцијата.
Извесно е дека првите две позиции се резервирани за екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер, кои, интересно, ќе го затворат првиот дел од првенството со дуелот кој е закажан за сабота (18.30 часот) во СЦ „Јане Сандански“.
Шампионот е сигурен на позицијата 1, додека пак за „пелистерци“ ова е вистински тест, дали и колку можат да му парираат на тимот од Аеродром во обид да го повторат или надминат ланскиот успех – пласманот во финалето на плеј-офот.
Сепак, некако во „втор план“ доаѓа дербито на вториот круг од натпреварите, ако се земе в предвид дека „тежина“ со себе носи натпреварот во струмички „Парк“ во кој ќе се бие битка за опстанок во друштвото на најдобрите.
Струмица го дочекува Чаир 2030, во, се чини, последниот обид да го фати оној „приклучок“ во трката за двете места кои носат играње во елитата и во следната натпреварувачка сезона.
Погледот на онаа мини-табела на четирите екипи кои ќе бидат дел од плеј-аутот, е јасен. Струмичани имаат само еден успех во меѓусебните дуели со Куманово 2009, Навико Академија ФМП и со екипата со која ќе се судрат во недела од 17.часот.
МИНИ-ТАБЕЛА – ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА
1.Навико Академија ФМП 6 4 2 52:492 10
2.Чаир 2030 5 4 1 433:406 9
3.Куманово 2009 6 2 4 499:535 8
4.Струмица 2022 5 1 4 438:459 6
Победат ли чаирчани во „Парк“, тоа ќе ги донесе на само еден чекор пред основната цел во дебитантксата сезона, сочувување на прволигашкиот статус.
Затоа што во пресрет на последната фаза, плеј-аут лигата, ќе имаат ефект од пет победи и еден пораз, Струмица ќе стартува со една победа и пет порази, што реално тешко се стигнува.
Во добра позиција пред доигрувањето за опстанок е и Навико Академија ФМП, екипа која има ефект од четири победи и два порази во однос на конкурентите. Или дури две повеќе во однос на Куманово 2009 (2-4).
На коло пред крајот, неизвесно е која екипа ќе биде на третата позиција на табелата. Ја делат ТФТ Mozzart и Гостивар, двете со ефект (14-7).
Но „црно-белите“ од Тафталиџе имаат „зицер“, односно нешто полесна задача да реализираат уште еден триумф. Играта против Куманово 2009 на свој терен. Ако победат, избраниците на Боро Смилковски ќе завршат како третопласирани, без оглед на исходот на средбата во која Гостивар е домаќин на Феникс 2010.
Мечот во гостиварски „Младост“ е исто така важен и за гостите од Скопје. По 21. одиграно коло, Феникс 2010 има учинок од 11.победи и 10.порази. Идентичен како и Еуро Никел 2005 кој во ова коло е гостин на Навико Академија ФМП во салата „Независна Македонија“.
Доколку кавадарчани го добијат овој меч во Кисела Вода, остануваат на позицијата број шест, а Феникс 2010 (поради полош меѓусебен скор) ќе тргне во плеј-офот од седмото место.
Осмото е резервирано за екипата на Кожув (скор 9-12), која во последната рунда од првиот дел игра со Работнички, кој со ефект (13-8) сигурно е петти. Но евентуални неуспеси на ТФТ или Гостивар, може да ги внесе „црвено-белите“ дури и во некој круг на екипи со идентичен ефект, во кој може да се поместат и погоре, и да дојдат до предноста која ја носи играње на домашен терен во четвртфиналето од плеј-офот.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 22.КОЛО
22.АПРИЛ (САБОТА):
16.00: ТФТ Mozzart – Куманово 2009
Сала СРЦ „Кале“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/wxeT_GLZHdQ?feature=share
17.00: Навико Академија ФМП – Еуро Никел 2005
Сала „Независна Македонија“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/W7dLJ5Edn3Q?feature=share
18.30: Работнички – Кожув
Сала СРЦ „Кале“ - Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/fM5FDMWtYcY?feature=share
18.30: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер (МРТ 3)
Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/l4HUazF5ZC4?feature=share
19.00: Гостивар – Феникс 2010
Сала „Младост“ - Гостивар
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/qFRb5HLqQAE?feature=share
23. АПРИЛ (НЕДЕЛА):
17.00: Струмица 2022 – Чаир 2030
Сала „Парк“ - Струмица
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/W7dLJ5Edn3Q?feature=share
ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром (19-2), Пелистер (17-4), ТФТ Моzzart (14-7), Гостивар (14-7), Работнички (13-8), Феникс 2010 (11-10), Еуро Никел 2005 (11-10), Кожув (9-12), Чаир 2030 (6-15), Навико Академија ФМП (5-16), Куманово 2009 (5-16), Струмица 2022 (2-19);