01.10.2023

Гостиварци подобри од видно изменетиот состав на Пелистер (75:68) на првиот меч во новата сезона и исполнетата сала „Младост“

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Премиерна победа и за Гостивар

 На првиот меч во новата сезона и исполнетата сала „Младост“, Гостивар подобар од Пелистер...

ГОСТИВАР – ПЕЛИСТЕР  75:68

Првиот период од средбата во салата „Младост“ го добија гостите од Битола, со минимални (18:16). Но домаќините беа многу подобри во втората. Десет минути во кои гостиварци се стекаа со солидно водство (41:35).  

Во 24.минута, Гостивар доде и до највисоката предност, од девет поени (51:42), во добар дел и поради одличниот офанзивен дел на Митевски и на Инграм, кои во тој дел од играта веќе искомбинираа 29.поени (15 плус 14).

На другата страна од теренот, добро, напаѓачки функционираа Маслинко, Бернард и Хот, но немаа и некоја дополнителна помош од соиграчите во обидите да ја стигнат негативата во која влегоа пред крајот на полувремето.

По тројката на Келинг, битолчани се доближија на (54:58), но во последните две минути од третиот дел, гостиварци успеаја да се одбранат. Новакот Вензант погоди од истата далечина, за (61:54).

Резултат со кој двете екипи влегоа во четвртината на одлука.

Гостивар подобро ја почна, дојдоа „сино-белите“ и на двоцифрена позитива (65:54), за експресна реакција на Марјан Илиевски, кој побара тајм-аут по само 90. одиграни секунди во периодот број 4.

Донесе резултат, затоа што „пелистерци“ направија серија од (7-0), со која се вратија во натпреварот (61:65) во кој имаше да се доиграат скоро шест минути.

Иста беше негативата (70:66) и три минути подоцна, кога уште еден новак во редовите на екипата од Битола, Бернард, го погоди и дополнителното слободно фрлање. Сепак, многу важни поени, пред истек на нападот, реализира Остен, кој го „одвои“ домаќинот на плус 6, (72:66) на две минути до крајот, време кое не донесе промени, па гостиварци можеа да се израдуваат на првиот успех во новата првенствена кампања.

Четири играчи на Гостивар завршија со десет и повеќе поени. Најмногу, 18, имаше Инграм, Митевски и Остен го следеа со по 15, а еден помалку од нив даде Вензант.

Репрезентативецот Маслинко го заврши првиот меч во новата сезона со 18.поени, Бернард имаше 17, а новото засилување, исто така репрезентативно Хот, имаше 12. поени кај Пелистер.  

Инаку, премиерното коло ќе биде затворено на 4. октомври (среда), кога од 18.часот, во салата „Независна Македонија“ во Скопје, ќе се сретнат екипите на Академија ФМП и Еуро Никел 2005.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 1. КОЛО

Гостивар – Пелистер       75:68

4.ОКТОМВРИ (СРЕДА)

18.00: Академија ФМП – Еуро Никел 2005

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/tCrwr15i9vE?si=UbkhPZE0kpDwTZlV

ПРЕТХОДНО ОДИГРАНИ НАТПРЕВАРИ

Вардар – Охрид    80:73

Кожув – МЗТ Скопје Аеродром           64:86

Работнички – ТФТ 73:56

Чаир 2030 – Феникс 2010          93:72