04.11.2023

На Кожув му беа малку и плус 17 на полувремето за да дојде до победа во Чаир, ја однесе ко-лидерот на табелата, кој победи со (88:84)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Пресврт за „петка“ на чаирчани

Неверојатно добро второ полувреме за кошаркарите на Чаир 2030 во кое анулираа негатива од 17. поени во коај влегоа во првото. Доволно за нова победа, петта во шест одиграни мечеви и делба на првото место на табелата со шампионот – МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ Моцарт.

ЧАИР 2030 – КОЖУВ        88:84

Доста ефикасно, пред се, го почнаа натпреварот, кошаркарите на Кожув. Само во првите десет минути, реализираа шест тројки (три од нив искусниот Караџовски, уште две на Митевски), што беше „видливо“ и на резултатот.

На крајот на првата четвртина, Кожув водеше со (28:22).

Во 15.минута, а по серијата (12-4), екипата од Гевгелија дојде до највисоките (40:26). И немаа намера избраниците на тренерот Александар Јончевски и да запрат.

Напротив, продолжија со одличната реализација, особено во обидите вредни по три поени. До полувремето веќе имаа десет точни обиди зад линијата од 6.75 метри (од 20. обиди). А тоа им донесе уште поголем вишок, од дури 17.поени (50:33).

Караџовски веќе имаше 13.поени, Кришнан и Артисон по 11 за Кожув. На другата страна „ги немаше“ поените на водечкиот двоец Корбет-Мофит (заедно само девет поени).

Како почна Кожув во втората, така тргна Чаир 2030 во третата четвртина. Со серија (12-4), во неполни пет минути, чаирчани ја „раситнија“ предноста на екипата од Гевгелија на едноцифрена (45:54).

Но и тоа не ги задоволи домашните кошаркари. Преку Нацевски и Мофит, притиснаа уште посилно, се доближија на достижни (53:56). За шест минути, Чаир 2030 даде дури 20.поени (примија само шест).

На крајот на овој дел од играта во кој чаирчани дадоа дури 30.поени, Кожув водеше со идентична разлика (66:63).

На четири минути пред крајот, по тројката на Мофит кој и дефинитивно „се врати во мечот“ во второто полувреме, резултатот беше на само еден посед (77:78). А потоа своите минути го дочека и Корбет, кој го донесе комплетниот пресврт, односно го стави својот тим во водство (81:78) на неполни три минути пред крајот. Го зголеми Александровски, за (86:81), на влезот во последните две минути во кои гевгеличани останаа без „муниција“ и мораше да се помират со петтиот пораз во шест одиграни натпревари.

Во домашниот тим, во прв поентер се претвори Мофит, кој заврши со ефект од 32.поени (и четири асистенции), Корбет дојде до уште еден дабл-дабл ефект во сезоната, изразен преку 19. реализации и 11.скока, а Нацевски имаше 12. поени.

Кришнан ја предводеше листата на стрелците во екипата на Кожув. Американскиот бек реализираше 22.поени, Караџовски постигна 21, Хукиќ имаше 17, а Артисон уште 12.поени.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 6.КОЛО

Чаир 2030 – Кожув           88:84

ТФТ Моцарт – Гостивар79:70

Охрид – МЗТ Скопје Аеродром          73:98

5.НОЕМВРИ (НЕДЕЛА)

18.00: Вардар – Навико Академија ФМП

Сала на КК „Вардар“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/1LNboF1jjTQ?si=nexMKqiVYAYf3gxT

19.00: Работнички – Еуро Никел 2005 (МРТ3)

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/otQq4BPP03k?si=q6Zjxou4HsMOX2NB

20.00: Феникс 2010 – Пелистер

Голема сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/4qA4ieHsuq8?si=NfuItU8qBum4x596

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 11, Чаир 2030 11, ТФТ Моцарт 11, Еуро Никел 2005 8, Работнички 8, Пелистер 8, Феникс 2010 8, Гостивар 8, Вардар 7, Охрид 7, Кожув 7, Навико Академија ФМП 5;