01.11.2020

Во првиот дерби дуел од новата сезона, тимот од „Градски парк“ стигна до победа над МЗТ Скопје Аеродром (94:90)

Прва лига-мажи: Првата рунда на „вечните“ за Работнички!

Паузата како да не влијаеше премногу кај двата најтрофејни клуба во нашата земја. Не им посмета продолжениот период за почеток на новата сезона на вечните ривали, Работнички и МЗТ Скопје Аеродром.

Одиграа еден одличен меч во „Градски парк“. На крајот, на првата победа и се радуваа кошаркарите на Работнички...

Работнички – МЗТ Скопје Аеродром            94:90

Со една импресивна серија од (11:0), во периодот од шестата до деветтата минута од уводната четвртина, водството од (14:10), Работнички во голема мерка со помош на Американецот Питс, го претвори во плус од уште поголеми, 15.поени позитива (25:10).

Тој одличен период од играта, „црвено-белите“ го решија во своја корист од (27:15).

МЗТ Скопје Аеродром, иако без помошта на тројца важни играчи, Крстевски, Маслинко и Бакоч, брзо се врати во дербито. Со контра-серија од (12-0) на стартот на втората четвртина, реализирана од Николов и Авоџоби, за егал резултат (27:27).

Сето тоа во само две минути од дербито во „Градски парк“.

Две минути подоцна, или на почетокот на 14.минута, гостите од Аеродром, преку деветтиот поен на Олуџоби, стигнаа и до комплетен резултатски пресврт од (32:30). За нов тајм-аут кој за кратко време го зема Димитар Мираковски, тренерот на Работнички.

Првиге поени на капитенот Стојановски во првото полувреме донесоа највисока разлика за „металците“ (45:42). Но ја поништи Вашингтон, за нерешен скор во дербито по 20.минути игра - (45:45).

Полувреме во кое со 13.поени, Питс се одвои на едната, а Олуџоби со 12 и Бојиќ со еден поен помалку, на другата страна на теренот, онаа гостинската.

Во продолжението, уште подобра, поефикасна игра во сударот на вечните ривали. И уште едно одвојување на Работнички, навистина не преголемо, кое резултираше со водство од пет поени (71:66), на истекот од третата четвртина. Креирано во голема мерка од „трилингот“ Питс-Вашингтон-Балмазовиќ.

Двете екипи имаа сосема добра реализација во шутот за три поени (преку 40%).

Во периодот на одлука, долго време на семафорот во „Градски парк“ стоеше резултатот (80:76). Пред репрезентативецот Магдевски да погоди тројка за (80:79), кога останаа да се играат 3:28 минути до крајот на првиот дерби дуел во новата сезона. По неговата втора тројка, и 12. поен во второто полувреме, гостите од Аеродром одново водеа (86:85).

По техничката грешка на Гравет, домаќините се вратија во ново водство, сега од (89:86) на 1:14 минути до крајот. Врати Олуџоби, за (88:89), а по нереализираниот обид на Николиќ, Гочер го донесе МЗТ Скопје Аеродром во нова минимална предност (90:89).

И остави 34. секунди за конечно решение...

Во тој краток временски период, Вашингтон погоди две слободни фрлања за нова промена на резултатот во корист на Работнички (91:90). Гостите го имаа последниот напад. Реши да го реализира Гочер, но беше фаулиран на седум секунди пред крајот. Не ги реализираше двете слободни фрлања и му даде шанса на Питс, најдобриот поединец во дербито, да му пресуди на гостинот од Аеродром.

Особено што и Гравет заработи и неспортска (и исклучувачка) грешка во која го остави својот тим без шанса за последен поправен обид.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 1. КОЛО

ТФТ – Куманово    82:83

Академија ФМП – Гостивар      84:75

МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005  75:79

Работнички – МЗТ Скопје Аеродром            94:90

Вардар – Црн Дрим Грин Мобил        одложено

Кожув – Пелистер одложено