Прво од 14.часот во салата „Перо Наков“ во Куманово, следува натпреварот помеѓу Куманово 2009 и новакот во прволигашката конкуренција, екипата на Чаир 2030.
Нешто подоцна, од 17.часот, на ред е дуелот во СРЦ „Кале“ во кој Работнички ќе го дочека Феникс 2010.
(9.ОКТОМВРИ-НЕДЕЛА, 14.00 ЧАСОТ): КУМАНОВО – ЧАИР 2030
Кумановци заборавија на случувањата од минатото првенство, и сега. со сите сили се усмерени кон она што следува денеска, од 14.часот. дуелот со новакот во прволигашката конкуренција, екипата на Чаир 2030.
„Куманово е клуб со традиција и со реноме и секогаш се стремел за високи дострели. Оваа сезона очекуваме да имаме подобар пласман од лани. И нешто што е многу поважно од било кој пласман, е да дадеме шанса на млади кошаркари да се развиваат.
Ние како Куманово одиме на победа на секој натпревар. Како по некое правило, првиот е најтежок, со незгоден противник кој е во налет. Дебитант во Прва лига кој ќе направи се да дојде до првата клупска победа“- смета тренерот на кумановските „сино-бели“, Владимир Мирковски.
Што се однесува до премиерниот натпревар во друштвото на најдобрите, Ерхан Рамадан, првиот тренер на Чаир 2030, дебитантот во Првата лига, вели дека се подготвени за она што следува во недела попладне во Куманово.
“Очекувам борба. Спремни сме за натпреварот, иако, за жал ростерот сеуште не ни е комплетиран. Но и покрај тоа, очекувам добра игра, борба и верувам дека можеме да се вратиме со победа од Куманово. Очекувам добра игра. Ќе биде тешко, млада екипа сме, но верувам дека имаме квалитет особено пред нашата публика. Наша примарна цел е опстанокот.“
(9.ОКТОМВРИ-НЕДЕЛА-17.00): РАБОТНИЧКИ – ФЕНИКС 2010
Дуелот на соседите во првиот круг од новата сезона ќе го одиграат Работнички и Феникс 2010. Двете екипи ја дочекуваат новиот шампионат со изменети ростери, особено тоа се однесува за условно кажано, „домаќинот“ на средбата во СРЦ „Кале“ – Работнички, кого повторно од клупата го предводи Димитар Мираковски.
Повратникот на првата тренерска позиција кај „црвено-белите“ говори за очекувања од она што следува веќе од вечерва:
„Желбите се клубот да добие една стабилност на подолг период. Имаме осум јуниорски и младински репрезентативци на кои ќе им дадеме шанса да го покажат својот потенцијал. Знаеме дека ќе има осцилации, меѓутоа тоа се млади играчи, и тоа е единствениот пат. Очекувањата се да играме со многу енергија и пожртвуваност, и после секој натпревар да добиеме уште еден играч плус на кој што ќе сметаме во иднина“.
Мираковски се осврнува и на дуелот против екипата на Феникс 2010:
„Феникс 2010 е една незгодна екипа која игра со многу трчање и енергија, и се борат до последна секунда. Тоа го покажаа минатата сезона во која што ги победија сите екипи барем по еднаш. Прв натпревар е, вообичаено е многу тежок, единствено што сакам од моите играчи е голема желба за докажување и пожртвуваност. После тоа, резултатот самиот доаѓа“- вели Мираковски пред почетокот на едно ново поглавје на Рабптнички.
Тренерот на Феникс 2010, Денис Дервишевиќ пак сака продолжување на „растот“ на клубот и во втората прволигашка сезона.
„Продолжуваме онаму каде што застанавме лани. Продолжуваме со приказната на Феникс 2010, да им даваме шанса на младите. Така беше лани, така ќе биде и оваа година. Го имаме ‘костурот’ од ланската сезона во кој своето искуство на помладите и понатаму ќе го дели Бојан Трајковски, а на Митревски, Хот, Петков, сега и Исајловски, но и другите е да го подигнат нивото на својата игра на уште повисоко. Посакуваме место во плеј-офот, и да ‘извадиме’ уште некој млад играч
Се надевам дека ќе ги оправдаме очекувањата, дека тоа ќе биде ‘видливо’ уште од првиот натпревар, против Работнички. Феникс 2010 нема да менува ништо во својата стратегија. Просекот на екипата е 21 година. Сакаме да направиме исчекор напред во однос на претходната, но не си ставаме никакви императиви пред нас. Работнички е фаворит, ќе играме без помошта од Бојан Трајковски, кој се рехабилитира по повредата. Сакам да се прикажеме во едно добро светло“- јасен е Дервишевиќ, пред „соседскиот“ дуел со Работнички во СЦ „Кале“ каде оваа натпреварувачка сезона екипата на Феникс 2010 ќе ги игра своите натпревари како домаќин.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ И РЕЗУЛТАТИ 1. КОЛО
9. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)
14.00: Куманово 2009 – Чаир 2030
Сала „Перо Наков“ – Куманово
https://youtu.be/cOaCpLS3c1c
17.00: Работнички – Феникс 2010
Сала СРЦ „Кале“ – Скопје
https://youtu.be/Yj03rAqYrpU
ПРЕТХОДНО ОДИГРАНИ НАТПРЕВАРИ:
Навико Академија ФМП – Кожув 79:75
Гостивар – Пелистер 75:63
Струмица – Еуро Никел 2005 84:95
ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром 60:74