03.10.2021

Во возбудлив меч, исполнет со резултатски и играчки пресврти, го победија бранителот на титулата, МЗТ Скопје Аеродром со (82:79)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Првото дерби во сезоната за Пелистер

Кошаркарите на Пелистер стигнаа до првата победа во сезоната. Ја почнаа како што и не можеа подобро да посакаат, против шампионот, МЗТ Скопје Аеродром, против екипата со која и оваа сезона ќе се борат за трофеите.

Во доста интересни 40.минути, исполнети со доста промени на водството, на крајот, слават битолчани.

ПЕЛИСТЕР – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ          82:79

Доста промени во играта, и во водството се случија во првото полувреме.

Иако на почетокот гостите од Скопје стигнаа до првата предност, до истекот на четвртината Пелистер беше екипата која водеше (20:17). По заслуга на деветте поени кои дојдоа од репрезентативецот Стајиќ.

Во ист стил продолжи играта и во втората четвртина. Но со таа разлика што битолчани беа во постојана резултатска позитива. Најмногу, девет поени (37:29), по одличната секвенца на Младеновиќ. Неговата агресивност на двете страни од теренот му донесе на Пелистер високо водство на нецели три минути до истекот на полувремето..

Период во играта во кој пак на другата страна се разигра Стојановски. Практично капитенот на МЗТ Скопје Аеродром, каде недостасуваа би се рекло, тројца играчи кои се во многу варијанти би биле и стартери, Крстевски, Мекиќ и Рикиќ (поради повреди), со голема помош на Робев (и неговите десет поени), направи нов резултатски пресврт.

Со шест поени во серијата (9-0) го донесе шампионот во минимално водство (38:37), макар што „сино-белите“, звучи неверојатно, но е вистинито, за 20.минути од играта имаа дури 15. загубени топки. Шест од нив имаше првиот организатор на играта, Вер.  

„Металците“ подобро влегоа и во второто полувреме. Со нова мини-серија (8-1), триминутна, која всушност беше продолжение на првата од пред крајот на првиот дел, стигнаа до солидни (47:39). Момент кој го натера тренерот на битолчани Марјан Илиевски да побара минута одмор.

Брзо се вратија „во игра“. Намалија на (47:49), но ги „пресече“ техничката грешка на клупата. Дербито доби доза на нервоза (техничка грешка доби и Стојановски), а Караџовски, со тројка, донесе израмнување.

Во 26.минута беше нерешено, (52:52).

Но освен Стојановски и Робев, во гостинскиот тим почнаа да погодуваат и Дејвис (14.поени) и Милошевиќ (дојде до десет), па „сино-белите“ ја имаа предноста, иако не висока (60:57), пред стартот на последните десет минути.

Следните три минути беа резервирани за дотогаш резервираниот Кесар. Со своја серија, искусниот српски интернационалец ги врати „пелистерци“ во водство (67:65). А по „хорогот“ на Трајковски, мораше да реагира Радуловиќ.

Пелистер поведе со (69:65).  

По 16 реализација на Кесар, „зелените“ беа на плус 6, (73:67), а тројката на Трајковски ги однесе на уште повисоки (78:71) кога останаа да се доиграат 2:23 минути. Гостите намалија на (74:78), но битолчани знаеја како да се одбранат и да стигнат до голем стартен триумф на почетокот на новата сезона. 

Овие две екипи кои се наши претставници во АБА 2 лигата, своите обврски во второто коло ќе ги реализираат нешто порано од предвидениот календар. Пред да заминат за Златибор, каде на 12 односно 13. октомври стартува првиот „балон“ во регионалното натпреварување, МЗТ Скопје Аеродром ќе го пречека Кожув, додека Пелистер ќе гостува кај Навико Академија ФМП.  

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 1. КОЛО

Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром   82:79

4. ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК):

17.30: Кожув - ТФТ

Сала „26.април“ - Гевгелија

18.00: Куманово 2009 – Ангели

Сала „Перо Наков“ - Куманово

ПРЕТХОДНО ОДИГРАНИ НАТПРЕВАРИ:

Феникс 2010 – Навико Академија ФМП    70:68

МЗТ Скопје Уни Банка – Работнички    78:85

Еуро Никел 2005 – Гостивар    88:77