Уште еден чекор напред за кошаркарите на Работнички во трката за што подобра позиција на првенствената табела. Иако со доста осцилации, и играчки и резултатски, на крајот тимот од “Градски парк“ го пронајде патот до победата на гостувањето во Кавадарци.
ЕУРО НИКЕЛ 2005 – РАБОТНИЧКИ 75:80
Јуре Планиниќ беше вистинска енигма за одбраната на Работнички во воведниот дел од играта. По 12 минути, Еуро Никел 2005 поведе со (26:20), а половина од тие поени беа дело токму на стартерот во екипата од Кавадарци.
Двете екипи форсираа шут од далечина, особено за три поени, но во тој дел од дуелот во „Јасмин“ реализацијата не им беше силна страна.
Работнички почна да погодува повеќе во средишниот дел од втората четвртина. Со серија од (11-2), гостите од Скопје го преземаа водството. Поведоа со (31:28), но Планиниќ и Младеновиќ не дозволија нешто повеќе од тоа. Со мини-серија од шест поени, го вратија домашниот состав во водство (34:31). Кавадарчани имаа и поен повеќе (35:31), пред да уследи нова серија на поени на гостите, кои за една минута реализираа седум, за нова промена на водството (38:35).
Го задржаа до истекот на 20 минута, макар истото беше и минимално (38:37).
Имаше Работнички и највисоки (49:41), во 25.минута. Но Еуро Никел 2005, се врати уште еднаш, сега со двете тројки кои дојдоа од Младеновиќ и Гавриловиќ (47:49).
Се чинеше дека тоа беше и последното од кавадарчани на средбата во „Јасмин“...
„Црвено-белите“ притиснаа уште повеќе, особено во нападот, за кратко време повторно се одвоија, сега на највисоки на мечот (63:50). Освен Малешевиќ (беше двоцифрен уште на полувремето), поентерски се „вклучија“ и Џелетовиќ, Нотиџ и Бакоч.
Имаше во тимот на Димитар Мираковски многу повеќе расположени кошаркари, што и ја направи предноста. Сериозне хендикеп за неговиот колега на другата страна, Горан Самарџиев, беше никаквиот ефект од клупата за резервни играчи.
Но неговите избраници не се откажаа. Со четири на крајот на третиот и уште десет поени на почетокот на последниот период), се вратија, намалија на, и тоа како достижни, (64:65).
А поминаа само нешто повеќе од две минути од последната четвртина...
Во наредните три, Еуро Никел 2005 премина и во водство. По поенот на Соколов од линијата за слободни фрлања, кавадарчани водеа, макар и минимално, (70:69). Го имаа и на две минути до крајот, кога Планиниќ постави (75:74).
Но кога требаше Работнички одигра доста паметно, Џелетовиќ ја врати предноста, а Бакоч зголеми на (78:75), и остави 37. секунди за конечно решение. А кога Младеновиќ ја загуби топката односно му ја украде Нотиџ, стана јасно дека гостите ги носат двата бода од Кавадарци.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 21.КОЛО
Еуро Никел 2005 – Работнички 75:80
Куманово 2009 – Струмица 2022 89:82
Пелистер – ТФТ Мozzart 92:69
Кожув – Гостивар 94:87
21.00: Чаир 2030 – Навико Академија ФМП
Сала „Шабан Трстена“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/tZffEKo4wh8?feature=share
10.АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК):
18.00: Феникс 2010 – МЗТ Скопје Аеродром
Голема сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/ry_Z19mJUEk?feature=share
ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 38 (-1), Пелистер 38, ТФТ Mozzart 35, Гостивар 35, Работнички 34, Феникс 2010 31 (-1), Еуро Никел 32, Кожув 30, Навико Академија ФМП 25, Чаир 2030 24, Куманово 2009 26, Струмица 2022 23;