07.10.2023

Работнички подобар од Пелистер на гостински терен, (92:89) на дебито на Дарко Радуловиќ како предводник на „зелено-белите“

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Работнички ја освои Битола!

Доста ефикасна игра прикажаа Пелистер и Работнички во дербито на 2. првенствено коло. Но гостите од Скопје покажаа повеќе, и сосема заслужено стигнаа и до вториот триумф на стартот од шампионатот. 

ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ        89:92

Со многу поголема енергија влегоа во дерби мечот во Битола кошаркарите на Пелистер. Тоа беше веднаш „видливо“ и на резултатот. По седум минути, „бело-зелените“ победоа со (17:10), и го натераа тренерот на гостинската екипа на првиот тајм-аут.

Слично беше и на крајот на првиот период, им припадна на „пелистерци“ (28:21). Долго време битолчани го бранеа то водство. Но по поените на Трис, во 16.минута, Работнички дојде до нерешен скор (38:38).

Но тука не застанаа гостинските кошаркари, кои за првпат беа водени од новиот тренер, Дарко Радуловиќ, до крајот на полувремето продолжија со доста ефикасната игра. Реализираа дури 30.поени во тие втори десет минути, и заслужено на одморот однесоа „вишок“ од пет поени (51:46).

Погодија осум тројки (од 18 обиди) гостите од Скопје, и во тие 20.минути беа доста подобри во тој сегмент од играта, шутот. Трис го предводеше нивниот напад, реализираше 11.поени, исто колку и Бернард на другата страна од теренот. Но во тој прв дел од дербито во Битола, Работнички имаше поголем фонд на играчи кои го пронајдоа патот до кошот на противникот.

 Во исто темпо продолжија и по паузата од 15.минути. А многу брзо Работнички се стекна и со двоцифрена позитива. По три и пол минути игра во третиот период, гостите водеа со (60:50), но со серија (9-2), Пелистер се врати на (59:62).

Но ништо повеќе од тоа не направија домашните кошаркари. Постојано го „бркаа“ водството на екипата со „подлабок ростер“. По три одиграни четвртини, Работнички имаше сосема солидни (76:64).

Таква беше „сликата на теренот“ и во последниот период. Во неколку наврати биточани се доближија на негатива од седум поени (75:82), потоа на (77:84), како што беше резултатот во 35.минута. Нешто потоа, беа и на (82:89), кога останаа да се доиграат 2:43 минути.

Поентирањато на Стојановски, за резултат (84:89) донесе делумна неизвесност во последните две минути од дербито. Маслинко положи за уште пониски (86:90) на влезот на последната минута од играта.

Тројката на Бернард, го доближи Пелистер на само поен негатива (89:90). Но домашните кошаркари не успеаја да ја освојат топката со која ќе имаа напад за победа. Еден „отпадок“ собра Де Коузи, кој доби две слободни фрлања.

Беше „мирен“ ги погоди двете, за (92:89). А обидот на Бернард, не заврши каде што посакуваа „пелистерци“, па победата, втора на почетокот на сезоната, е за Работнички.

Во недела, во салата „Јасмин“ во Кавадарци, ќе играат Еуро Никел 2005 и Кожув (18. часот), а колото ќе го заокружи дуелот Феникс 2010 – Вардар, кој се игра во понеделник, од 18. часот во големата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 2. КОЛО

Пелистер – Работнички  89:92

Охрид – Академија ФМП           82:66

ТФТ – Чаир 2030   77:66

8.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

18.00: Еуро Никел 2005 – Кожув

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/zFcMhlNAszM?si=HFi6Tq0tbhVGuAAE

9.ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК)

18.00: Феникс 2010 – Вардар

Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/hPwkzIi8YyE?si=2zwQ2F3A-rA_YdUr

ПРЕТХОДНО ОДГРАНИ НАТПРЕВАРИ

МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар      85:59