13.10.2023

Во саботната програма, уште две меѓусебни пресметки на скопските ривали

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Работнички на сериозен испит во Чаир

Трите натпревари од третото коло кои се играат во саботните термини се со префиксот „скопски“. И во вистинска смисла на зборот, ако се земе в предвид дека во овие три натпреварувачки двојки се вклучени шест прволигашки екипи од главниот град.

И сите три ќе се одиграат „во растојание“ од три часа.

Програмата почнува со еден „соседски дуел“ во кој на едната страна од теренот ќе биде екипата на Вардар, на другата ТФТ.

Добриот распоред и добрите настапи им донесоа на „вардарци“ веќе две победи. А од 18.часот, на свој терен ќе се бидат да дојдат и до третата во серија. Пред себе ја имаат екипата на ТФТ која во изминатиот период беше „зафатена“ со играње на натпревари од АБА 2 конкуренцијата, а без помош на три важни играчи, што се одрази и на резултатите.

Еден час подоцна, (19.00), во салата „Шабан Трстена“, Работнички му гостува на Чаир 2030, во веројатно најинтересниот меч од ова трето коло заедно со дерби дуелот во Битола каде Пелистер и МЗТ Скопје ќе го репризираат денешниот меч од втората јадранската лига.

Сериозен предвизвик за „црвено-белите“ кои тргнаа добро, со максимални две победи, и со амбиции да продолжат и на ова гостување во Чаир, каде извесно е, и домаќините имаат свои „математики“ кои се граничат и со победа.

Од 20.часот, но на другата страна од Скопје, во населбата Кисела Вода, својот меч ќе го одиграат екипите на Академија ФМП и Феникс 2010. Во не баш идеален момент за двете екипи ако се земе в предвид резултатски неуспешниот почеток.

Односно два порази во првите две кола, делумно оправдани за „лавовите“, кои доцна влегоа во фаза на „реконструкција“, многу помалку за „фениксовци“, кои во меѓувреме беа неуспешни и на европска сцена, на која во улога на дебитанти запишаа уште два порази.

Два натпревари се предвидени за недела.

Од 17.часот, кошаркарите на Гостивар ќе се обидат да ја продолжат еријата на домапни победи против екипата на Еуро Никел 2005, која засега добро ги одработи првите две домашни задачи. Но извесно е дека гостувањето во „Младост“ ќе биде и нивниот најсериозен испит во овој воведен дел од лигата.

А еден час подоцна, во Гевгелија, Кожув ќе се обиде да доде до првиот првенствен триумф и тоа против екипата коај за првпат настапува во друштвото на најдобрите макар што и во некои изминати сезони Охрид давал свој прволигаш, но не со префикс на „градски“.

Мечот во кој ќе играат нашите два клуба претставници во АБА 2 лигата, Пелистер и МЗТ Скопје е закажан за 18. октомври (среда), од 18.30 часот, во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, а ќе биде пренесуван и на програмата на МРТ3.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 3. КОЛО

14.ОКТОМВРИ (САБОТА)

18.00: Вардар – ТФТ Моцарт

Сала на КК „Вардар“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/LYjosbkgDpI?si=spwsXioW2LNxMNdJ

19.00: Чаир 2030 – Работнички

Сала „Шабан Трстена“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/HE-kl54euTY?si=RqFbBWufLwYTQFbs

20.00: Академија ФМП – Феникс 2010

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/dK5vB3wZCIs?si=Jsi-_IdOEcH0baCb

15.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

17.00: Гостивар – Еуро Никел 2005

Сала „Младост“ - Гостивар

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/lG1NW2kRjZQ?si=sD47VqngxnODpK7j

18.00: Кожув – Охрид

Сала „26.април“ – Гевгелија

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/zZCp5l3gIbM?si=QdbpfI4elX6HFues

18.ОКТОМВРИ (СРЕДА)

18.30: Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром (МРТ 3)

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/h6OT55mWXCU?si=gdXGXyMow2JbJeG_

ТАБЕЛА: Еуро Никел 2005 4, МЗТ Скопје Аеродром 4, Работнички 4, Вардар 4, Чаир 2030 3, Охрид 3, ТФТ Моцарт 3, Гостивар 3, Пелистер 2, Кожув 2, Феникс 2010 2, Академија ФМП 2;