02.03.2023

„Црвено-белите“ загубија во соседската пресметка во четвртфиналето на Купот, во петок навечер (19.часот), имаат шанса да се поправат

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Работнички направи промени, ќе бара реванш против ТФТ

По паузата предизвикана со настапите на нашата сениорска репрезентација во третиот ФИБА „прозорец“ од претквалификациите, продолжуваат возбудувањата кои со себе ги носат натпреварите од Првата лига-мажи.

Ден порано од предвидениот термин, во петок навечер, на програмата ќе бидат три натпревари.

Во два од нив ќе играат нашите претставници во АБА 2 лигата, екипите на Пелистер и на ТФТ, кои веќе наредната седмица имаат обврски од последниот „балон“ од регуларниот дел од сезоната во ова натпреварување, кој ќе се игра во Широки.   

Од 18.30 часот, во Битола, Пелистер (скор 12-3), му е домаќин на Куманово 2009 (4-11), екипа која за време на паузата направи неколку промени во ростерот, особено во оној странски дел.

Промени, на првата центарска позиција направија и „зелено-белите“. Одлучија да го вратат назад Никола Силаџи, кој пред две сезони имаше успешни настапи за екипата од Битола, сериозен конкурент на МЗТ Скопје Аеродром во битката за првата стартна позиција пред плеј-офот.

Во репризата на четвртфиналето од Купот, од 19 часот, во СРЦ „Кале“, ќе играат екипите на ТФТ Моzzart – Работнички.

„Црно-белите“ го добија тој дуел, и сега доста посамоуверено ги продолжуваат натпреварите во првенството. За разлика од соседскиот ривал, празниот дел од сезоната го искористија за одмор. А ТФТ направи една битна промена во ростерот во кој што сега е искусниот бек-шутер и некогашен репрезентативец, Марко Симоновски.

Она што го најави Димитар Мираковски, тренерот на „црвено-белите“ после елиминацијата во Купот, токму од утрешниот ривал, во меѓувреме и се реализира.  

Работнички се збогуваше со двоецот од САД,  Џексон-Форте, нови играчи се Ѓорѓе Џелетовиќ и  Ајсах Умпиг, па ќе биде интересно да се види како сето тоа ќе функционира во продолжението на шампионатот во кое нашиот најтрофеен клуб тргнува од седмата позиција, со ефект (8-7).

ФОТО: Кошаркарите на Феникс 2010 ги чека дуелот со дебитантот од Чаир

Првата вечер од ова 16 коло, ќе биде затворена со натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ од 20.30 часот, во кој Феникс 2010 (9-6) е домаќин на дебитантот во елитата – Чаир 2030.

„Фениксовци“ веќе направија изненадување, секако со пласманот во големото финале од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“. Иако загубија, покажаа дека може да дотуркаат високо и во првенството. А прва пречка во петок навечер, им е доста променетиот состав од Чаир (ефект 4-11).

Нивниот предводник од клупата, Ерхан Рамадан се одлучи да направи промени во играчкиот дел. Ново име е Предраг Пајиќ (дојде од Навико Академија ФМП), но и Недим Мустафица, кој дојде од Пелистер, и Давел Роби, кои треба да бидат играчките решенија за опстанок во друштвото на најдобрите.

Во сабота, се предвидени уште два натпревари. Од 17 часот, екипата на Гостивар (9-6) го дочекува составот на Навико Академија ФМП (3-12).

Еден час подоцна, во Гевгелија, екипата на Кожув (7-8) е домаќин на Еуро Никел 2005 (9-6).

Ова коло ќе биде затворено на 6. март (понеделник), со натпреварот кој од 17.часот, се игра во струмички „Парк“, а во кој Струмица 2022 (2-13) ќе го пречека новиот освојувач на Купот и бранителот на шампионската титула – МЗТ Скопје Аеродром (13-2).

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 16. КОЛО

3. МАРТ (ПЕТОК):

18.30: Пелистер – Куманово 2009

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/DLgWQ30WLlg?feature=share

19.00: ТФТ Моzzart – Работнички

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/fsQCT8ydtzE?feature=share

20.30: Феникс 2010 – Чаир 2030

Голема сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Ni8ZWQG_Wts?feature=share

4. МАРТ (САБОТА):

17.00: Гостивар – Навико Академија ФМП

Сала „Младост“ – Гостивар

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/5oGs1PdatxE?feature=share

18.00: Кожув – Еуро Никел 2005

Сала „26.април“ - Гевгелија

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/GHDVnhCEOOQ?feature=share

6. МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК):  

17.00: Струмица 2022 - МЗТ Скопје Аеродром

Сала „Парк“ – Струмица

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/oZYBc870iso?feature=share

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 28, Пелистер 27, ТФТ Mozzart 25, Феникс 2010 24, Еуро Никел 2005 24, Гостивар 24, Работнички 23, Кожув 22, Куманово 2009 19, Чаир 2030 18, Навико Академија ФМП 18, Струмица 2022 17;