03.04.2023

МЗТ Скопје Аеродром го совлада Кожув (87:67), и останува два чекори пред првиот пратител на првенствената табела - Пелистер

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Шампионот е чекор поблиску до „одбрана“ на првата стартна позиција пред плеј-офот

Бранителот на шампионската титула успешно одработи уште една „домашна задача“. Пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“ беше подобар од екипата на Кожув, извесно, истата онаа со која веројатно ќе се сретне и во четвртфиналето на плеј-офот откако ќе бидат одиграни последните две првенствени кола од регуларната фаза во Првата лига. 

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – КОЖУВ     87:67

Тешко играа домашните кошаркари против борбената и цврста екипа од Гевгелија во воведниот дел од средбата во СЦ „Јане Сандански“.

Имаа проблеми со реализацијата и двете екипи. Тешко се стигнуваше до поени. Но и во една таква ситуација, за нијанса поуспешни беа „сино-белите“. Без помошта на шефот на стручниот штаб, Драган Николиќ (болест), се стекнаа со водство, навистина минимално (18:17).

Првата поголема предност, МЗТ Скопје ја реализира некаде во средината на втората четвртина. Поведоа аеродромци со (28:23), разлика во која особен „придонес“даде репрезентативниот двоец, Крстевски-В.Стојановски (девет односно осум поени).

Доволно за Александар Јончевски, тренерот на Кожув, да побара тајм-аут. Донесе резултат затоа што гостите од Гевгелија (играа без помошта од својот прв стрелец, Мајрон Гордон) се вратија во резултатски егал (28:28) во таа, поентерски, „тенка“ четвртина.

Но домаќините најдоа „брз одговор“. Го дадоа Робев, Вер, и Крстевски, за серија од (8-0) и „бегство“ на највисоки (36:28) во последната минута од тоа прво полувреме. Новата минута одмор не донесе добри работи за гевгеличани, казни Д. Стојановски, и ги донесе највисоките (38:28) во тие 20.минути.

Кога веќе некако успеаја да дојдат до двоцифрена разлика, домашните кошаркари успеваа да ја задржат. Во средната на третата четвртина беа на исто растојание (45:35). Но во само две минути МЗТ Скопје направи (10-4), за да има уште повисока предност (55:39). До крајот на тој дел од играта „сино-белите“ беа и на плус 22 (64:42), кога и беше решено прашањето околу победникот.

На крајот, со 14. реализирации Робев беше прв стрелец во домашата екипа. Вер даде 13, Крстевски го заврши овој натпревар со 12 реализации, а В. Стојановски со 11.

По одличното прво полувреме, Братож застана на ефект од 16. поени и високи, за еден бек, осум скока, додека пак Петровски, Колев и Ризвиќ финишираа со 13.поени.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 20. КОЛО

МЗТ Скопје Аеродром – Кожув           87:67

Пелистер – Феникс 2010           93:74

Гостивар – Еуро Никел 2005    85:65

Работнички – Чаир 2030            83:67

ТФТ Mozzart – Струмица 2022 92:82

4.АПРИЛ (ВТОРНИК)

18.00: Навико Академија ФМП – Куманово 2009

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/zPEshf08DZU?feature=share

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 38, Пелистер 36, ТФТ Mozzart 34, Гостивар 34, Работнички 32, Феникс 2010 31, Еуро Никел 2005 31, Кожув 28, Чаир 2030 24, Навико Академија ФМП 23 (-1), Куманово 2009 23 (-1), Струмица 2022 22;