27.12.2022

Дербито на полусезоната за кошаркарите на МЗТ Скопје, беа подобри од Пелистер (83:79)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Шампионот се одбрани во Битола, празниците ги дочекува како број 1!

Во последниот прволигашки натпревар во календарската 2022 година, екипата на МЗТ Скопје беше подобар од Пелистер. Битолчани подобро отворија, но скопјани подобро го затворија дербито на полусезоната, и по 11.одиграни кола ја одбранија првата позиција во шампионатот.

ПЕЛИСТЕР - МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ   79:83

Битолчани имаа подобар почеток на дерби дуелот во салата „Боро Чурлевски“. Заиграа доста ефикасно во обид да ја искористат шокантната ситуација во гостинските редови каде во меѓувреме се реализира промена на првата тренерска позиција. Односно Александар Петровиќ доби предвремен раскин на договорот, па шампионот во Битола беше предводенн до неговиот асистент, Васил Атанасов.

Пелистер го доби тој прв период со плус од десет поени (26:16). „Металците“ макар и делумно, се вратија во вториот, во кој симнаа дел од двоцифрената негатива (42:48).

По одморот, бранителот на титулата заигра како што знае и умее, и успева да направи вистински резултатски пресврт, и по 30.минути игра, „сино-белите“ и поведоа (67:64).

Највисоката позитива гостите од Скопје ја достигнаа на 02:40 минути пред крајот, водеа со (78:70). Но, двете тројки по ред на Карпентер веднаш ги вратија „зелено-белите“ назад во игра за победа (76:78). Крстевски им даде нова шанса на битолчани откако не ги реализира двете слободни фрлања, па резултатот остана непроменет (76:80) во корист на гостите. Делумно му се реваншираше Карпентер, кој погоди само еднаш од линијата на пеналите, по што следуваше клучното поентирање. Дојде од расположениот Кафи, кој постави недостижни (82:77). Откако Карутерс промаши уште еднаш, сега за три поени, Кафи ја потврди најважната победа за бранителот на насловот во првиот дел, макар и во последниот меч од првата полуетапа од Првата лига.  

Токму Кафи и Крстевски беа најдобрите поединци на МЗТ Скопје на ова тешко гостување, реализираа по 22.поени, а одличен беше и Бурсаќ, кој ги следеше со 19. „Пелистерци“ ги предводеше двоецот Хаџифејзовиќ-Карутерс кои реализираа по 20.поени, Карпентер имаше 16, а Караџовски уште 15.поени.

МЗТ Скопје Аеродром останува лидер на табелата пред паузата со скор (10-1), Пелистер и Гостивар се на делба на втората позиција со идентичен ефект (8-3). Наредното 12. коло од Првата лига-мажи, се игра на 21.јануари, 2023 година.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 11.КОЛО

Пелистер - МЗТ Скопје Аеродром        79:83

Феникс 2010 – Гостивар               84:66

Куманово 2009 – ТФТ    71:82

Чаир 2030 – Струмица 2022        97:92

Кожув – Работнички     85:110

Еуро Никел 2005 – Навико Академија ФМП      92:63

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 21, Пелистер 19, Гостивар 19, ТФТ 18, Работнички 18, Феникс 2010 17, Еуро Никел 2005 17, Кожув 14, Чаир 2030 14, Навико Академија ФМП 14, Куманово 2009 13, Струмица 2022 13;

ИДНО КОЛО (21.01.2023)

Чаир 2030 – Куманово 2009

Кожув – Навико Академија ФМП

Пелистер – Гостивар

Еуро Никел 2005 – Струмица 2022

МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ

Феникс 2010 - Работнички