21.10.2023

Нема повеќе непоразени екипи во Првата лига мажи ...

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Сино-бела доминација на вечното дерби, победи уште и за ТФТ, Пелистер, Феникс 2010 и Чаир 2030

Екипите на ТФТ и на Навико Академија ФМП ја имаа честа да го отворат четвртото првенството коло за натпреварувачката сезона 2023/2024, со натпревар кој започна нешто после пладне. И покрај очекувањата од страна на екипата од Тафталиџе против единствениот тим во Првата лига мажи која се уште е без победа во досегашниот тек на првенството, кошаркарите на Навико Академија ФМП не се откажаа без борба. По десет минути изминати на паркетот, резултатот беше високи 27-16 во полза на гостинскиот состав. Резултатската предност беше во корист на кошаркарите од ФМП се до почетокот на вториот дел од натпреварот, кога избраниците на Боро Смилковски ја преземаа иницијативата на теренот и успеаја да издоминираат до конечни 73-64 односно 18-27, 18-13, 17-9 и 20-15 по делници. 

Статистика до натпреварот 

 

Шампионскиот табор на МЗТ Скопје Аеродром брзо го заборави поразот од битолски Пелистер во минатото коло и се врати на победничката патека со ни помалку ни повеќе, туку убедлива победа над лутиот ривал - екипата на Работнички во рамки на првото градско дерби за оваа натпреварувачка сезона.

Сино белите кошаркари на Васко Атанасов ја наметнаа доминацијата на теренот против избраниците на Димитар Мираковски во вториот дел од натпреварот, откако во првите две делници резултатската позитива наизменично си ја предаваа двете страни. На полувреме се замина со 'минимална' предност од пет поени (25-30), кои до истекот на 40. минута се искачија до 59-73 односно 14-14, 11-18, 19-23 и 15-18 по делници.

Статистика до натпреварот

 

Битолски Пелистер го заборави лошиот старт на новата натпреварувачка сезона, па нанижа две победи. Првата во минатото коло против актуелниот шампион, а втората против Еуро Никел 2005 на гостински терен нанесувајќи им го првиот пораз за оваа сезона на кавадарчани. Двете екипи покажаа изедначена игра на паркетот во Кавадарци во првиот дел од натпреварот. Гостинскиот состав имаше и речиси двоцифрена предност, но не успеа да ја задржи, па на паузата на полувреме се замина со минимални два поена позитива за битолчани (31-33). Кон крајот на третиот период, избраниците на Дарко Радуловиќ ја зацврстија играта на теренот, што резултираше и со доволна висока предност која домашниот состав не успеа да ја анулира до крајот на натпреварот односно до конечни 60-66 (13-20, 18-13, 14-17, 15-16).

Статистика до натпреварот

 

Чаир 2030 уфрли сто поени во својот трет првенствен триумф, овој пат против екипата на Вардар. Со максимална доминација и контрола на резултатот, екипата од скопски Чаир не им даде шанса на гостите во црвено-црните дресови за изненадување. Ерхан Рамадан, кој остана верен на својот Чаир 2030 и оваа сезона, без нималку проблеми ги водеше своите избраници за оваа сезона на натпреварот, не дозволувајќи им на гостите да стигнат до егал на теренот. На полувреме се замина со резултатска позитива од 51-37 која се покажа како сосема доволна за сведување на остатоткот од натпреварот на рутина, до конечни 100-76 (20-19, 31-18, 31-20, 18-19)

Статистика до натпреварот 

 

Последниот натпревар од првиот натпреварувачки ден за ова четврто првенствено коло заврши со триумф на Феникс 2010 над гевгелиски Кожув со 96-80 односно 27-20, 28-17, 17-25 и 24-18 по делници. И за кошаркарите на Денис Дервишевиќ ова е втора првенствена победа во низа откако во минатото коло Феникс 2010 славеше со 86-108 на гости кај Навико Академија ФМП. Кошаркарите од домашниот состав, предводени од Џозеф Рис и искусниот Бојан Трајковски успеаја да направат висока предност уште во првиот период која без проблем ја контролираа сè до истекот на 40. минута.

Статистика до натпреварот

Четвртото натпреварувачко коло ќе се комплетира со натпреварот  помеѓу екипите на ГКК Охрид и Гостивар, закажан за утре (недела) со почеток во 18:30.

21.ОКТОМВРИ (САБОТА)

12.30: ТФТ Моцарт – Академија ФМП
Сала СРЦ „Кале“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/jKVT5N0bfbs?si=A5w_CiFJ2XmB6Bbu

18.00: Работнички – МЗТ Скопје (МРТ 3)
Сала СРЦ „Кале“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/EX7dL2dvNZs?si=f4dhqrtfofIxiZz0

18.00: Еуро Никел 2005 – Пелистер
Сала „Јасмин“ – Кавадарци
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Hu0DIOPYESg?si=VCjsy8L31M9AT7NQ

19.00: Чаир 2030 – Вардар
Сала „Шабан Трстена“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/oa5CIGYo2IE?si=vGHZKgbIjvb1cgyF

20.00: Феникс 2010 – Кожув
Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/nme2NkTjtlM?si=3uQO5PKWQjg42xZc

22. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

18.30: Охрид – Гостивар
Сала „Билјанини извори“ – Охрид
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/zA6wRVDFPmY?si=ESiKEq9r5sSLNEik