04.10.2021

Уште во првото полувреме „црно-белите“ имаа и плус 20, на крајот, сосема доволно за конечен успех и победа од (88:77)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Со одлични 20.минути, ТФТ го победи Кожув во Гевгелија!

Нашиот претставник во Европа и на Балканот, екипата на ТФТ, стигна до првиот триумф во новата сезона. За тоа на екипата од Тафталиџе и требаше одлично прво полувреме, но и одбивање на нападите во второто, во кое ја потврдија добрата игра од почетните минути на дуелот во Гевгелија.

КОЖУВ – ТФТ          77:88

Гостите од Скопје имаа одлично прво полувреме во кое уште во раната фаза од натпреварот во Гевгелија обезбедија двоцифрена предност. На истекот на првата четвртина, „црно-белите“ веќе имаа двоцифрена вишок изразена со 12. поени (27:15).

А тоа, се чини го предодреди понатамошниот тек на средбата. Како одминуваа минутите, така гостинската екипа само ја „билдаше“ таа предност. По поените на расположениот Смит, во 18.минута, ТФТ имаше плус од 21.поен, (47:26).

Но со помош на „трилингот“ Граниќ-Вилијамс-Симоновски, до крајот на првото полувреме, Кожув успеа да намали на (33:49).

На другата страна, без грешка одигра Маслинко, кој до своите десет поени (за повеќе од 15.минути на паркетот) стигна со беспрекорни (2/2 за три и 2/2 за два поени).

Во продолжението гевгеличани со серија од (10-2) намалија на едноцифрен минус, (43:51) и по само две и пол минути од играта во третата четвртина, го натераа тренерот на ТФТ, Боро Смиловски, на тајм-аут.

Се одбранија од тие напади на домашаната екипа. И до крајот на третата четвртина,  ТФТ успеа да се врати на двоцифрени (69:59). Слично беше и на крајот, на последната и решавачка, доволно за прва победа на ТФТ, најпријатното изненадување во ланскиот шампионат.