02.12.2023

Некогашниот репрезентативец имаше неверојатни бројки во победата (87:79) над фаворизираниот противник

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Со „трипл-дабл“ ефект Трајковски го поведе Феникс кон нов триумф против Работнички

Не е никаква тајна, ниту нешто ново... Но кога игра Бојан Трајковски, игра и Феникс 2010.

РАБОТНИЧКИ – ФЕНИКС 2010 79:87

Евидентирано и на дерби средбата на ова десетто коло во СРЦ „Кале“. Видно мотивиран, некогашниот репрезентативец го поведе својот тим до уште една победа во дуелите со сеуште најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас.

На крајот, зад неговото име останаа запишани двоцифрени бројки во сите три водечки категории. Имаше 12. поени (4/10 за три поени), но и 13 скока, 10 асистенции, за нецели 39.минути поминати во игра.

Но за да биде успехот комплетиран, секако, се погрижија и другите четири стартери во екипата која од клупата ја води Денис Дервишевиќ.

Најмногу, 20.поени, испорача Џонс, Рис имаше 15. Митревски 13, а Метјус уште 11 во новиот усене меч за Феникс 2010 со кој се израмни според бројот на бодови по десет одграни кола (скор 6-4).

Кај Работнички најефикасни во далеку од идеалното издание беа Рикиќ со 21 и Ефремовски со 13 поени.

ВАРДАР – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ   61:96

Во исто време, некои педесетина метри подалеку, играа МЗТ Скопје Аеродром и Вардар. Но тука, фаворитот во целост ја оправда улогата, стигна до повеќе од убедлива победа, за потврда на позицијата 1

Разликата во квалитет меѓу тимовите беше огромна, што му овозможи на гостинскиот тренер да ја намали минутажата на стандардните првотимци и да им даде шанса на помладите кошаркари.

На крајот, „плус 35“ за „металците“, во меч во кој најефикасни беа Петков и Баковиќ со по 13 поени, додека Ворку постигна 11 поени.

Кај Вардар најефикасен беше Хусеин Бајрам, стрелец на 17 поени.