Соседскиот дуел во СЦ „Јане Сандански“, изненадувачки, им припадна на кошаркарите на Феникс 2010. Беа подобар ривал од МЗТ Скопје Аеродром, и на крајот и се радуваа на големата победа над уште поголемиот ривал...
ФЕНИКС 2010 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 73:69
Одлично почнаа домаќините против соседите во СЦ „Јане Сандански“. Во нецели пет минути, поведоа со (9:2). И не застанаа, ја продолжија својата серија на поентирање, и дојдоа до уште поголеми (18:2), а не беа поминати ниту седум минути од натпреварот.
Анемијата во нападот на „металците“, со тројка ја прекина Крстевски, за (5:20). Но до истекот на првиот период, Феникс 2010 го одржа тоа убедливо водство, имаше неверојатен плус од 15.поени, (22:7).
Без некои особено битни промени, посебно во резултатот се играш во вториот период. Доста изедначен, што беше предност за домашниот тим, кој на тој начин го чуваше високото водство стекнато во оној воведниот.
Одлично во офанзивата функционираа Митревски, Трајковски, и особено Рис (веќе беше двоцифрен, даде 11.поени), креираа уште поголема позитива (37:19), која ја имаа во 18.минута.
Но на одмор двете екипи заминаа со идентична разлика, како онаа по првата четвртина, (39:24) за Феникс 2010.
Имаа домашните кошаркари уште поголеми (46:29), но МЗТ Скопје заигра многу поангажирано во средишниот дел од третата четвртина во кој „симна“ дел од негативата, намали на (35:46). Како најава за серијата на гостите, по која дојдоа на само „половина поен“ негатива (48:49), за Метјус да постави (51:48) во корист на Феникс 2010, по три одиграни четвртини.
На почетокот на последниот дел, Д. Стојановски донесе и егал скор (51:51), откако беше точен во обидот за три поени. А новата тројка, која дојде од репрезентативниот колега на Стојановски, Робев, му даде предност на тимот во „сино-бела“ комбинација (57:53).
Но дојде редот на поентирање за домашната страна. За нова промена на водството, и солидни (65:59) на 4:35 минути пред крајот. Ама само за кратко, затоа што В. Стојановски донесе ново израмнување (65:65), кога останаа да се доиграат нецели три минути.
Потегот на вечерта, се чини, дека му припадна на Митревски. Својата добра партија, со тројка, во можеби и најважниот момент, која донесе водство од (70:65), ја потврди класата на младиот репрезентативец. По половишнито ефект на Џонс, за (71:65), беше мирен од линијата за слободни фрлања (негов 15.поен), за недостижни (73:65).
Рис беше најдобриот стрелец во поебедничката екипа, реализираше 22. поени, Трајковски додаде уште 12, додека на другата страна, браќата Стојановски искомбинираа 30.поени. Недоволни за комплетен „камбек“ на шампионот на овој натпревар, кој сега доби „придружба“ на делба на првата позиција – Работнички.
На четири кола до крајот на регуларниот дел, двете екипи имаат ефект (14-4), но Работнички е лидер, поради подобриот моментален кош-количник.
РАБОТНИЧКИ – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП 99:52
Кошаркарите на Работнички имаа подобар почеток на натпреварот. Имаа (13:6), нешто потоа, поведоа и со (18:10), а дури девет од тие поени беа дело на расположениот Трајс. До истекот на првиот период, домашната екипа имаше уште повисоки (24:10).
Слично се одвиваа настаните и во втората четвртина. Онаа во која домашната екипа „набилда“ уште повисока разлика. Имаше (38:15) во 16.минута. На крајот на полувремето, „црвено-белите“ веќе имаа недостижни (47:17). И она што е посебно за одбележување е фактот дека тренерот Горан Самарџиев ги искористи сите 11.кошаркари кои ги имаше на располагање, уште во тие 20.минути од играта.
И нови два бода во трката за најдобрата стартна позиција пред почетокот на плеј-оф натпреварите.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ 18. КОЛО
Работнички – Навико Академија ФМП 99:52
Феникс 2010 – МЗТ Скопје Аеродром 73:69
ТФТ Моцарт – Пелистер 77:66
Вардар – Кожув 78:92
Чаир 2030 – Гостивар 89:78
Охрид – Еуро Никел 2005 77:71
ТАБЕЛА: Работнички 32, МЗТ Скопје Аеродром 32, Чаир 2030 31, Еуро Никел 2005 30, Пелистер 30, ТФТ Mоцарт 30, Феникс 2010 29, Гостивар 23, Кожув 22, Охрид 22, Академија ФМП 22, Вардар 21;
ИДНО КОЛО (09.03)
Кожув - Навико Академија ФМП
Пелистер – Чаир 2030
Охрид – Работнички
МЗТ Скопе Аеродром – ТФТ Моцарт
Еуро Никел 2005 – Феникс 2010
Гостивар - Вардар