14.12.2023

Одлична дефанзива на „црвено-белите“ против екипата која има одличен напад – резултатот е победа, и тоа убедлива (72:57)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: „Соседското“ дерби во „Кале“ за Работнички

Вечерашната програма од 12. коло опфати само еден натпревар. Се играше во СРЦ „Кале“, каде „соседите“, ТФТ Моцарт и Работнички, одлучуваа кој ќе биде подобар во текот на оние задолжителни 40.минути.

ТФТ МОЦАРТ – РАБОТНИЧКИ  57:72

„Гостите“ условно кажано, на овој натпревар имаа одлични моменти во првото полувреме. Особено тоа се однесува за оние стартни десет минути во кои и се стекнаа со солидно водство. Го креираше репрезентативецот Ѓуроски кој го отвори мечот во СРЦ „Кале “ со осум реализации. По десет минути, Работнички поведе со (21:13).

И успеваше да ја брани таа доста добра позитива, особено што тоа прво полувреме беше доста „сиромашно“, во секој поглед, особено оној поентерскиот.

Закажа шутот на домашната екипа која испорача само четири тројки (од 18 обиди). Ист број на точни обиди имаше и на другата страна, но со двојно помал број на обиди, девет.

Ташовски даде една третина од поените на ТФТ Моцарт – 11. На другата страна погодуваа сите пет играчи кои беа означени како стартери. Нои Ефремовски и Бакоч (заедно девет) кои беа дел од резервната единица.

Сето тоа заедно резултираше со водство на гостинскиот тим, не така големо (36:31).  

На почетокот на третиот дел од играта, Работнички направи серија од (11-4), доволна за највисоко водство (47:35).  Домаќинот веднаш врати со мини-серија од осум поени, и намали на (43:47). Но „црвено-белите“ најдоа одговор, нивни девет поени по ред, пет од нив на Трис, за ново одвојување (56:43), за 28.минути игра. 

Беше уште поголемо по три одиграни четвртини – Работнички имаше и плус од 16.поени (59:43).

Комплетно застана напаѓачката игра на домашната екипа. Никако не можеа да „се спојат“ играчите на тренерот Боро Смилковски, а противникот „трупаше“ уште поголема предност. Цели девет минути домаќините беа без постигнат кош од игра, а за тоа време Работнички веќе дојде на недостижни (67:43).

Ефремовски предводеше една петорка на двоцифрени играчи во гостинскиот состав. Репрезентативниот бек реализираше 18.поени, Рикиќ имаше 14, Декоузи 13, Трис 12, а Ѓуроски 11.поени.

На спротивната страна од теренот, Ташовски го заокружи овој меч со 16.реализации, по десет имаа Симонс и Ифеје.

По 12. одиграни натпревари, Работнички е на ефект (9-4), додека ТФТ Моцарт има (7-6).

На 16. декември (сабота), од 18.часот, во салата „Билјанини извори“, дуел на две екипи од долниот дел од табелата, се среќаваат Охрид и Вардар.

Во недела пак уште два натпревари. Од 18.часот, во кавадаречки „Јасмин“, ќе играат Еуро Никел 2005 и Навико Академија ФМП, а нешто подоцна (20.часот), во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, Феникс 2010 е домаќин на екипата на Чаир 2030.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 12.КОЛО

ТФТ Моцарт – Работнички 57:72

Пелистер – Гостивар       89:88

МЗТ Скопје Аеродром – Кожув           79:65

16. ДЕКЕМВРИ (САБОТА)

18.00: Охрид – Вардар

Сала „Билјанини извори“ – Охрид

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/czkMn9iqqIA?si=Wj5RuYU1miB9mWeT

17. ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА)

18.00: Еуро Никел 2005 – Навико Академија ФМП

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/6DYlcBjEKSk?si=087HwNPFGuk_fkxJ

20.00: Феникс 2010 – Чаир 2030

Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/PMD2mUNBfNo?si=dBQeHfYjOijdGPvZ

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 23, Пелистер 21, Работнички 20, Еуро Никел 2005 19 (-1), ТФТ Моцарт 19, Чаир 2030 18 (-1), Феникс 2010 17 (-1), Гостивар 16, Кожув 15, Вардар 14 (-1), Навико Академија ФМП 13 (-1), Охрид 12 (-1);