Црно-белите момци од Тафталиџе продолжуваат да испишуваат клупска историја. Откако го освоија трофејот од Купот пред неколку месеци, момците од ТФТ Скопје денеска обезбедија и пласман во плејофот за сезона 2021/2022 со победа над тимот на Гостивар со 87-80 односно 16-23, 25-20, 25-18 и 21-17 по делници.. Со неверојатни 36 поени зад своето име, искусниот репрезентативец Александар Костоски ги предводеше своите тимски колеги до триумф. Морган, вториот најпрецизен стрелец од тимот на ТФТ имаше двојно помалку поени -18. Во таборот на Гостивар тоа беа Тодоровиќ, Ефремовски и Рансом со 19, 18 односно 17 поени.
ТФТ СКОПЈЕ - ГОСТИВАР 87-80
Во останатите натпревари од последното коло од Супер лигата, Еуро Никел 2005 го совлада тимот на Феникс 2010 со фуриозна игра во последниот период со 93-63 (16-16, 25-15, 19-19 и 33-13). Со триумф над Пелистер пак, МЗТ Скопје Аеродром го заврши овој дел од натпреварувањето. Металците од Скопје славеа среде Битола со 79-88 односно 19-21, 21-27, 16-20 и 23-20 по делници.
Во првото коло од плејофот, првопласираниот и актуелен шампион МЗТ Скопје Аеродром ќе го нагости токму тимот на ТФТ додека Пелистер ќе си ги одмери силите со Еуро Никел 2005.