12.05.2022

Освојувачот на Купот освои уште еден голем скалп, беше подобар од сега веќе стариот лидер на табелата (89:78)

ПРВА ЛИГА МАЖИ-СУПЕРЛИГА 7.КОЛО: ТФТ ги турна „пелистерци“ од првото место

Тимот од Тафталиџе и порано го победи Пелистер, но не во шампионатот, туку во четвртфиналето од Купот.

ТФТ – ПЕЛИСТЕР              89:78

Вечерва славеше со двоцифрен плус, и си ги зголеми шансите за пласман во Плеј-офот што би било продолжение по случувањата во Купот.

Освен тоа, на победата на „црно-белите“ се радуваат и во Аеродром бидејќи на три кола пред крајот на Суперлигата, МЗТ Скопје Аеродром ја презема лидерската позиција, има победа повеќе пред реавачката средба во Битола.

ТФТ го доби мечот во „Кале“ благодарение на одличното второ полувреме. Она првото помина во израмнета игра при што највисокото водство го имаше домашниот тим, (6-0) во првите минути. Сепак, Пелистер замина на голем одмор со предност од (45:42).

Во третата четвртина ТФТ направи пресврт, имаше и  плус од 8.поени, а по 30 минути водеше со (68:62). Пелистер се врати на (67:70). Но следуваше серија од (9-2) на домашната екипа за прва двоцифрена предност (79:69).

Тоа очигледно беше недостижно за битолчани кои до крајот не само што не успеаја да ја загрозат победата на ТФТ, туку во еден период беа во негатива и од 15. поени (74:89).

Ландриус Хортон беше прв играч на ТФТ, постигна 25 поени, го следеше Амир Смит со 20.

Голем проблем за Пелистер беше тоа што „играа“ само двајца кошаркари, Малешевиќ и Кесар кои постигнаа речиси две третини од вкупниот број поени.

ФЕНИКС 2010 – ГОСТИВАР          60:73    

Тренерската смена очигледно беше позитивен шок за гостиварскиот прволигаш кој по тој момент оствари четири победи на пет наредни натпревари од Суперлигата.

Освен тоа му се реваншираа и на „виновникот“ за таа тренерска смена Феникс 2010,  победувајќи го на домашен терен со 73-60.

На три кола до крајот на Суперлигата, Гостивар е осамен на третата позиција на табелата, но следуваат најтешките испити – против двете најдобри екипи во лигата Пелистер и МЗТ Скопје Аеродром. А на крајот со директниот ривал за пласман во доигрувањето – ТФТ.

Во „Јане Сандански“ натпревар кој помина во доминација на Гостивар кој беше во негатива само во четвртата минута кога Митревски го доведе Феникс 2010 во водство (10:9). Во останатиот дел од мечот, гостите ги диктираа темпото и резултатот, а до победата дојдоа благодарение на одличната втора четвртина, поточно нејзиниот финиш.

По нерешените (29:29), Гостивар направи големи (19-4) и на пауза замина со сигурни (48:33) кои се покажаа доволни за триумф. Во третиот квартал гостинскиот тим ги достигна и највисоките +21 (58-37) за до крајот Феникс 2010 делумно да го ублажи поразот.

Кај  Гостивар погодуваа скоро сите, а најефикасен беше Ефремовски со 15 поени. Кај Феникс 2010, Митревски даде 22 поена, но најкорисне играч сепак беше Павле Михајлоски. Имаше дабл-дабл ефект од 21. поен и 14 скока.

ПРВА ЛИГА - МАЖИ

СУПЕРЛИГА – РЕЗУЛТАТИ 7.КОЛО

ТФТ – Пелистер               89:78

Феникс 2010 – Гостивар               60:73

Еуро Никел 2005 – МЗТ Скопје Аеродром 75:95

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 25-4, Пелистер 24-5, Еуро Никел 16-13, Гостивар 17-12,ТФТ 16-13, Феникс 2010 14-15;