Кавадарчани запаметија, па му вратија на тимот на Пелистер со иста мера, за поразот среде Битола во она четврто, првомајско коло одиграно пред нешто повеќе од две седмици. Со 94-70 односно 20-20, 30-25, 31-12 и 13-13 по делници, кошаркарите на Еуро Никел 2005 ја запишаа осумнаесеттата победа во досегашниот тек на натпреварувањето, во исто време нанесувајќи му го шестиот пораз на клубот од Битола.
ЕУРО НИКЕЛ 2005 - ПЕЛИСТЕР 94:70
Избраниците на Горан Самарџиев уште на стартот ја наметнаа својата доминација долж теренот за игра, на која битолчани имаа соодветен одговор, барем така се чинеше на почетокот на дуелот. Асистентот Дејан Илиевски, кој ја наследи диригентската палка за овој натпревар од Марјан Илиевски кој заедно со неколку играчи на Пелистер *отслужува казна*, имаше неколку расположени играчи на располагање. Стефан Крстајиќ и Игор Кесар успеваа да ги одбранат боите на својот клуб во моментите кога домаќините не попуштаа во рекетот. Искусните Соколов и Џекиќ продолжија да го полнат кошот на противникот, а помошта од Дубински и Калахан придонесоа играта да се сведе на рутина до истекот на 40. минута.
Соколов со 12 поени, Томиќ со 10, Џекиќ со 16, Димчевски со 10, Калахан со 13 и Дубински со 15 постигнаа по двоцифрени поени за Еуро Никел. На спротивната страна тоа беа Малешевиќ со 15, Кесар со 20 и Младеновски со 14 поени.
Во наредното, последно коло од Суперлигата за 2021/2022 сезона ќе се добие и четвртиот патник во полуфиналето. МЗТ Скопје Аеродром го запечати врвот додека на второто место се наоѓа Пелистер. Еуро Никел 2005 се 'зацементира' на третата позиција додека ТФТ Скопје и Гостивар со дуелот во наредното, последно коло ќе го одлучат последниот тим.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
СУПЕРЛИГА – РЕЗУЛТАТИ 9.КОЛО
Гостивар – МЗТ Скопје Аеродром 72:85
Феникс 2010 – ТФТ 58:76
Еуро Никел 2005 – Пелистер 94-70
ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 27-4, Пелистер 25-6, Еуро Никел 2005 18-13, Гостивар 17-14, ТФТ 17-14, Феникс 14-17;