06.10.2022

И на прволигашката премиера, шампионот убедлив против освојувачот на Купот (74:60)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: ТФТ не може да му парира на МЗТ Скопје Аеродром

Честа да ја отворат, новата, 31.по ред сезона во Првата лига, вечерва ја имаа двете најдобри екипи во ланската. ТФТ, како актуелен победник во Купот, го предизвика бранителот на шампионската титула – МЗТ Скопје Аеродром.

Во СРЦ „Кале“, уште една победа за МЗТ Скопје Аеродром

ТФТ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ                60:74

Екипата од Аеродром постави доминација во играта и во резултатот уште во првата четвртина од премиерниот меч од новиот шампионат. На истекот на дестатта минута, „металците“ имаа (19:14).

Гостите „постеа“ скоро четири минути, но ТФТ не знаеше да го искористи тоа, освен да се доближи на (16:19).

Она што не им успеа во првата, домашните кошаркари го реализираа во втората четвртина. И тоа со серија од (10-0) со која направија резултатски пресврт. По реализацијата која дојде од Ташовски, ТФТ поведе со (28:25). Но дојдоа минутите на Војдан Стојановски, кој со две реализации по ред, иницираше серија по која шампионот одново „побегна“на безбедни (39:31) како што стоеше резултатот по 20.минути игра.

Минути во кои кај екипата со предност, Кефи стигна до девет реализации, В. Стојановски и Мичовиќ имаа по седум, а Д. Стојановски и Крстевски по еден помалку.

На другата страна, Ташовски изброи до осум а по пет поени дополнија Батрик, Андерсон и Стојановски.

Како пресудна за конечниот победник се покажа третата четвртина. Онаа во која „сино-белите“ стиснаа малку повеќе во одбраната. Имаа добар проток во нападот, и релативно лесно изградија позитива, која пред крајот на тој дел изнесуваше и  20. поени (59:39).

На шест и пол минути пред крајот, ТФТ испрати закана, се доближи на (48:60). Но Магдевски брзо ги постави работите на своето место (63:48).

Сепак, во играта на „црно-белите“ недостасуваа поените на Костоски и на Андерсон, па домаќините по втор пат за кратко време мораше да му честитаат победа на МЗТ Скопје Аеродром, чиј тренер Александар Петровиќ го искористи моментот да му укаже шанса и на најмладиот во тимот, Бојан Величковски. Но и на Димитар Пандев да ги одигра првите официјални минути како играч на бранителот на шампионскиот пехар.

На другата страна сличен потег и на неговиот колега, Боро Смилковски, кој пак му даде минути на Алек Петковски.

А Крстевски и Кефи финишираа со по 13.реализации, а Војдан Стојановски 10 кај победникот, додека на другиот дел од теренот, по 12. реализираше „трилинот“ Ташовски-Стојановски-Андерсон.