09.12.2023

Пелистер и Кожув одиграа доста израмнето, во најголем дел од средбата во Битола, на крајот победата ја однесе домашниот тим (72:61)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Тројката на Костоски донесе мир меѓу „пелистерци“

По резултатскиот егал во првото полувреме, кога двете екипи имаа реализирано скромни 32.поени, во второто, „пелистерци“ го скршија отпорот на екипата од Гевгелија дури пред крајот на натпреварот.

ПЕЛИСТЕР – КОЖУВ         72:61

Максимално изедначен натпревар се играше во салата „Боро Чурлевски“ во првото полувреме. Макар што првата четвртина, резултатски гледано, им припадна на гостите од Гевгелија, водеа со (19:15). Од друга страна битолчани беа подобри за исто толку позитива (17:13) во втората, за нерешени (32:32), на крајот на полувремето.

Доста „сиромашно“ според прикажаното, на двете страни на теренот, особено во оние напаѓачки активности. Минути кои поентерски ги одбележа Слејтер, кој постигна скоро половина од поените на Кожув – 15.

На другата страна Планиниќ беше „двоцифрен“, стрелец на десет поени. Но имаше и три од оние 11. технички грешки на „пелистерци“ во тој прв дел од играта.

Нерешено беше (41:41) и по пет минути игра од третата четвртина. Првото „посериозно“ водство, (46:41), беше запишано една минута подоцна, а го имаше Пелистер. Планиниќ доби поентерска поддршка и од Маслинко и од Стојановски, што беше и тоа како потребно за „бело-зелените“. На другата страна „логистика“ за Слејтер направи Артисон кој стигна до двоцифрен број на реализации.

Имаше домашната екипа и водство од (51:44), но ништо повеќе од тоа. Гевгеличани одново се доблишија, по три одиграни четвртини се беше „отворено“ (55:51), водство за Пелистер.

Неизвесноста, траеше се до моментот кога еден од најискусните играчи на теренот, Александар Костоски, не ја погоди тројката која му „пресуди“ на борбениот, жилавиот, мотивираниот состав од Гевгелија.

На 70.секунди предк крајот, искусниот бек донесе плус 8, (68:60), доволно за уште еден плус во сезоната, осмиот за битолчани.

Утре од 18.часот во кавадаречки „Јасмин“, Еуро Никел 2005 го пречекува скопски Вардар, нешто подоцна (од 20.часот), во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, играат екипите на Феникс 2010 и на ТФТ Моцарт.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 11. КОЛО

Пелистер – Кожув 72:61

Гостивар – Работнички 65:86

Охрид – Чаир 2030          64:74

10. ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА)

18.00: Еуро Никел 2005 – Вардар

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/o9x8YBYc7N0?si=Yywbc-cCXaF3Mvat

20.00: Феникс 2010 – ТФТ Моцарт

Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/VNT15tD662U?si=HXe776esQP6DPCMO

ПРЕТХОДНО ОДИГРАНО:

МЗТ Скопје Аеродром – Навико Академија ФМП           79:72

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 21, Пелистер 19, Работнички 18, Чаир 2030 18, Еуро Никел 2005 17 (-1), ТФТ Моцарт 16 (-1), Феникс 2010 16 (-1), Гостивар 14, Кожув 14, Вардар 13 (-1), Навико Академија ФМП 12, Охрид 12;