22.03.2024

Саботниот дуел во салата „Младост“ во кој се среќаваат Гостивар-Кожув, може да ја тргне и последната дилема пред доигрувањето

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Во Гостивар ќе се води битка за последното место кое води во плеј-офот

Само уште една непозната има пред одигрувањето на последните две кола од регуларниот дел од натпреварите во Првата лига-мажи.

Кој ќе биде осмопласиран тим во елитната конкуренција и ќе биде последниот учесник во вториот дел од сезоната насловен како плеј-оф.

Извесно е дека кошаркарите на Гостивар ја имаат и првата меч-топка за да ја потврдат таа осма позиција на која се во овој момент. А пред саботниот дуел пред своите гледачи во салата „Младост“, каде од 19.часот, го пречекуваат гевгелиски Кожув.

Јасно е, победата ги остава гостиварци на осмото место, што носи играње во плеј-офот, но и дефинитивен опстанок во друштвото на најдобрите.

Победа за Кожув пак ќе значи дека гевгеличани остануваат во игра за таа позиција, но во последното коло ќе треба да бидат подобри од битолски Пелистер (на домашен терен), а во исто време Гостивар да загуби на гостувањето кај Работнички.

Со оглед на тоа дека трите наши претставници во АБА 2 лигата овој викенд ги завршуваат своите обврски (во оној регуларен дел од регионалното натпреварување), и ова коло ќе биде „продолжено“.

Во саботниот термин ќе се одиграат уште два натпревари.

Од 20.30 часот, со пренос на МРТ3, во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ ќе се сретнат екипите на Феникс 2010 (скор 11-9) и Работнички (16-4).

Половина час подоцна, својот натпревар од 21. коло, во салата „Јасмин“ во Кавадарци, ќе го играат екипите на Еуро Никел 2005 и Чаир 2030 (двете се со ист скор, односно 13.победи и 7.порази).

На 25. март (понеделник), во салата „Билјанини извори“ ќе играат Охрид и ТФТ Моцарт. А два дена подоцна, на 27. март (среда), се закажани последните два натпревари од ова првенствено коло.

Од 19.часот, во СЦ „Јане Сандански“, МЗТ Скопје Аеродром (16-4) ќе го дочека Вардар (3-17), додека пак во исто време, во салата „Боро Чурлевски“  во Битола, ќе играат Пелистер (14-6) и Навико Академија ФМП (4-16).

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 21.КОЛО

23.МАРТ (САБОТА)

19.00: Гостивар – Кожув

Сала „Младост“ – Гостивар

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/A3igZ7L-sm4?si=fNNiKgIJeMYpgnvo

20.30: Феникс 2010 – Работнички

Мала сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/c3OkA7Dle-M?si=JhnODH5cnU-pPNgH

21.00: Еуро Никел 2005 – Чаир 2030

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Cb1WXguT1YY?si=587aICR2yysUxre9

25. МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК)

17.00: Охрид – ТФТ Моцарт

Сала „Билјанини извори“ – Охрид

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/izRsc4KBjSE?si=w8l98j_9yGAorFq0

27. МАРТ (СРЕДА)

19.00: Пелистер – Навико Академија ФМП

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/vVQy9yTMRa4?si=Wy_C7iZcwhirovDg

19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Вардар

Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/H7n705KdPok?si=7mxjlIkSVMHZRbO3

ТАБЕЛА: Работнички 36, МЗТ Скопје Аеродром 36, Пелистер 34, Еуро Никел 2005 33, Чаир 2030 33, ТФТ Mоцарт 33, Феникс 2010 31, Гостивар 27, Кожув 25, Охрид 25, Навико Академија ФМП 24, Вардар 23;