08.10.2023

Во меч исполнет со доста промени на водството и осцилации во играта , на крајот, кавадарчани поуспешни од Кожув, (80:73)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Втор стартен триумф за Еуро Никел 2005

Натпреварот во „Јасмин“ беше исполнет со доста осцилации, резултатски промени, и поентерски серии, на двете страни од теренот.

Се пишува победа за Еуро Никел 2005, втора за кавадарчани во првите две кола од новиот шампионат, и втор неуспех за гостите од Гевгелија.

ЕУРО НИКЕЛ 2005 – КОЖУВ      80:73

Кавадарчани одлично ги одиграа првите десет минути од натпреварот во „Јасмин“. По нецели пет минути, веќе имаа двоцифрена позитива од десет поени (16:6), а тој воведен период го затворија со слични (26:17).

Меѓутоа, во втората, потполно различна слика на теренот. Кожув беше екипата која направи вистински пресврт, играчки и резултатски.

Со серија од (15-3), преминаа во водство (32:29). А нешто потоа, во 18 минута, имаа и (36:31).

Но до крајот на првото полувреме кавадарчани се вратија, и поведоа со минимални (38:37).

И по одморот гостите од Гевгелија одново направија позитива, сега од пет поени (52:47), по што следуваше сериозен пад во нивната игра. Тоа го искористија кошаркарите на Еуро Никел 2005.

Тргна нивна нова серија, сега од (12-0) за  ново враќање, водство од (59:52), како што стоеше резултатот во 28.минута.

До истекот на третата четвртина, домашната екипа го зголеми, за нов плус од десет поени, (66:56).

Но имаше да се играат уште толку минути во салата „јасмин“. Во оние први четири од четврттиот период, гевгеличани одново се заканија, и дојдоа на негатива од само еден поен (67:68). Но Дубински и Младеновиќ (со тројка) го одбија тој напад, за нешто посигурни (73:67) во средината на последниот дел.

Гостите одново дојдоа на само еден посед заостанување (71:73), но во моментите кога за тоа беше најпотребно, погодија Врањеш, Блекшир и Дубински, кои донесоа недостижни (80:71), и втора победа на почетокот на новата сезона.  

Кај Еуро Никел 2005, четири од петте стартери имаа десет и повеќе поени. Смит Мексвејн даде 19, Врањеш имаше 18, Блекшир 16,а Дубински уште 14. поени.

На другата страна, слична распределба на поените, Слејтер го заврши мечот со 24 поени, Кришнан имаше 17, а Караџовски и Хукиќ додадоа по десет.

Инаку, колото број 2 ќе го заокружи дуелот Феникс 2010 – Вардар, кој се игра во понеделник, од 18. часот, во големата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 2. КОЛО

Еуро Никел 2005 – Кожув          80:73

9.ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК)

18.00: Феникс 2010 – Вардар

Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/hPwkzIi8YyE?si=2zwQ2F3A-rA_YdUr

ПРЕТХОДНО ОДГРАНИ НАТПРЕВАРИ

Пелистер – Работнички  89:92

Охрид – Академија ФМП           82:66

ТФТ – Чаир 2030   77:66

МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар      85:59