22.01.2023

Домаќините имаа постојана предност, но до вредниот триумф дојдоа во последните секунди (91:88) за прекин на серијата на „црвено-белите“

ПРВА ЛИГА-МАЖИ:Феникс 2010 најде решение за Работнички

Во последниот натпревар од 12. коло, одигран вечерва во СЦ „Јане Сандански“, Феникс 2010 ја доби драмата и ја прекина победничката серија на Работнички.

ФЕНИКС 2010 – РАБОТНИЧКИ 91:88

Доста ефикасна прва четвртина во СЦ „Јане Сандански“ во последниот натпревар од 12.коло од Првата лига одиграа Феникс 2010 и Работнички. Двете екипи направија неколку промени во водството, но на истекот на десеттата минута, домаќинот имаше водство, минимално, (27:25).

Слично почна и вториот дел , но со забелешка дека Феникс 2010 прв се избори за повисока предност, и тоа од девет  поени. Третата тројка на новаког, Ивица Димчевски, домашниот тим поведе со (38:29), кога се играше 13.минута.

Ниту тајм-аутот на тренерот Димитар Мираковски, не донесе промена во играта на Работнички. Со својот деветти поен, Димчевски ја продолжи серијата на домаќините, донесе уште повисоки, и двоцифрени (40:29).

Но тоа не беше крај на проблемите за гостинската екипа. Феникс 2010 продолжи да игра ефикасно во нападот, и да изгради уште поголеми (50:32). Не ја заборавија и играта во одбраната избраниците на Денис Дервишевиќ, кои во втората четвртина му дадоа на противникот да реализира само девет поени.

Се заедно, за убедливи (50:34) на одморот. Најискусниот во нивните редови, Трајковски, заиша 11.поени, по девет имаа Димчевски и Митревски, на другата страна Форте постигна десет во тие 20.минути, за заборав на екипата зад која беа седум победи во серија.

Но, Работнички имаше одговор, макар и делумен, во вид на серија од (12-2) со која „црвено-белите“, се доближија на достижни (46:52). Сето тоа за нешто повеќе од четири минути од третата четвртина.

Но ништо повеќе од тоа, затоа што Феникс 2010, некако успеа да се одбрани од тој противнички налет. И крајот на овој дел од мечот го дочека одново со солидни, двоцифрени, (66:55).

По новата тројка на Димчевски, Феникс 2010 „побегна“ и на (71:57), но не за долго. Затоа што по тројката на Бакоч, Работнички одново дојде на негатива која се стигнува во само два напади (74:79), кога останаа да се доиграат 03:22 минути. Не застанаа тука гостинските играчи. Повторно Бакоч, со помош на Малешевиќ го донесоа својот тим на само еден поен минус (78:79).

А потоа уште еднаш, по петти пат, Димчевски погоди за три поени, и го одвои Феникс 2010 на плус 4 (82:78). Но својата серија ја продолжи Бакоч, погоди уште еднаш за три поени, и донесе нерешен резултат (82:82), а остави 01:40 минути за конечно решение.  

Наредната минута беше за Феникс 2010...

Прво погоди Митревски, од линијата за слободни фрлања. А тројката на Фалден, ги однесе на уште поголеми (87:82), и само 44.секунди до крајот.

Драмата ја продолжи со грешка на Фалден, и поентирање на Форте (од втор обид), за (86:87). Митревски се покажа како момче со „цврст материјал“, ги погоди двете слободни фрлања за (89:86). Врати брзо, Џексон за (88:89). Но Митревски остана „мирен“ уште еднаш, од истата позиција, погоди уште два „пенали“ за (91:88).

Натпреварот во продолжение не го „однесе“, најмладиот на теренот, Шошкиќ, од не баш идеална позиција, не го погоди последниот шут, вреден три поени.

Митревски застана на 23.поени, Димчевски ќе го памети дебито за Феникс 2010 со 21.поен (реализира шест тројки од осум обиди), а во победата свое место имаа Трајковски со 16, и Фалден со 14.поени.

Серијата на победи на Работнички не ја продолжија оние 20. поени кои дојдоа од Малешевиќ, ниту оние 19 кои ги имаа на крајот Бакоч и Форте, како и 18 на Џексон.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 12. КОЛО

Феникс 2010 – Работнички 91:88

Чаир 2030 – Куманово 2009     86:91

Кожув – Навико Академија ФМП       108:103

Еуро Никел 2005 – Струмица 2022    89:72

МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ    91:81

Пелистер – Гостивар       117:87

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 23, Пелистер 21, Гостивар 20, ТФТ 19, Работнички 19, Еуро Никел 2005 19, Феникс 2010 19, Кожув 16, Куманово 15, Чаир 2030 15, Навико Академија ФМП 15, Струмица 2022 14;
ИДНО КОЛО (28.01)

Гостивар – МЗТ Скопје Аеродром

ТФТ – Чаир 2030

Струмица 2022 – Кожув

Работнички – Пелистер

Куманово 2009 – Еуро Никел 2005

Навико Академија ФМП – Феникс 2010