25.05.2021

Најдобрите две екипи во доигрувањето обезбедија опстанок во елитното друштво

ПРВА ЛИГА-ПЛЕЈ-АУТ- ЖЕНИ: Пробаскет и МЗТ Скопје Аеродром го задржаа статусот на прволигаши

Паралелно со „активностите“ на двете најдобри екипи во финалето на плеј-офот, се одвиваа и натпреварите во Плеј-аут лигата во женска конкуренција.

А по одигрувањето на втората фаза од шампионатот, познати се и учесниците во Првата лига-жени за сезоната 2021/2022 која ќе брои осум екипи-учеснички.

Друштво на шестте екипи кои беа дел од Суперлигата, и кои обезбедија директен пласман во друштвото на најдобрите за наредната натпреварувачка сезона, Бадел 1862, Баскет КАМ, Вардар, Крива Паланка, Работнички и Струга 2009, ќе им прават уште и екипите на Пробаскет од Кавадарци, односно МЗТ Скопје Аеродром.

Овие две екипи го заземаа двете водечки позиции во Плеј-аут натпреварувањето. Екипата од Кавадарци ги заврши натпреварувањата со скор (10-8), додека онаа од Аеродром имаше половичен ефект (девет победи и девет порази).  

Останатите пет екипи: Шкупи, Трокал, Гостивар 2009, Куманово 2020 и Пантери, согласно со однапред усвоениот систем за натпреварување за сезоната 2021/2022, ќе се натпреваруваат во новоформираната Втора лига-жени, во која ќе се чекаат пријави на уште некои други клубови во текот на летната пауза.