Во женскиот дел од Првата лига, натпреварувањето стигна до т.н. „плеј-оф“ фаза. За прв пат, во поновата историја на ова натпреварување, во доигрувањето за шампионската титула се вклучени вкупно осум екипи кои сочинуваат четири четвртфинални двојки.
На седумтте екипи од регуларниот дел од групата „А“, им се приклучи и најдобрата екипа од Групата „Б“, новакот Гризли Баскет. И согласно со системот за натпреварување, како носител на бројот 8, во четвртфиналето ќе разигрува со најдобрата екипа од регуларниот дел – Бадел 1862.
„Баделки“ се еден од топ фаворитите, заедно со актуелниот бранител на титулата, екипата на Баскет Кам 2011, која во оваа елиминациска фаза влегува од втората стартна позиција. А за противник во првиот круг, кој се игра според системот „подобар во три натпревари“, го има кавадаречки Пробаскет кој за место во плеј-офот, го доби елиминаторниот двомеч против второпласираната екипа во групата „Б“ – Трокал.
Многу понеизвесно се очекува да биде во останатите две четвртфинални пресметки.
Макар што Вардар важи за умерен фаворит во дуелите кои им следуваат со екипата на МЗТ Скопје Аеродром.
Најизедначено би требало да биде во серијата која во наредните два, можеби и сите три натпревари, ќе ја играат екипите на Крива Паланка и на Струга 2009.
Термините за одигрување на овие серии од четвртфиналето се уште и: 20. април, а евентуалните „мајсторки“ ќе се играат на 27.април.
ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ – ПЛЕЈ-ОФ
ЧЕТВРТФИНАЛЕ – ДВОЈКИ 1. НАТПРЕВАР
16. АПРИЛ (САБОТА):
14.30: Баскет Кам 2011 – Пробаскет
Сала СРЦ „Кале“ – Скопје
18.00: Крива Паланка – Струга 2009
Сала „Бранители 2011“ – Крива Паланка
19.30: Бадел 1862 – Гризли Баскет
Сала „Независна Македонија“ – Скопје
17. АПРИЛ (НЕДЕЛА):
19.00: Вардар – МЗТ Скопје Аеродром
Сала на КК „Вардар“ - Скопје