18.05.2024

Шампионот подобар и во вториот финален натпревар, го одбрани домашниот терен, дојде до победа (64:58), за (2-0) во серијата

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ – ПЛЕЈ-ОФ: Баскет кам по слично „сценарио“ го победи Вардар, и дојде до три меч-топки вредни титула

Нешто налик на првиот, двата финалисти го одиграа и вториот натпревар од серијата која треба да го даде новиот првак во женска сениорска конкуренција.

И уште еднаш, екипата која го брани шампионскиот пехар, Баскет кам 2011, излезе како победник.

БАСКЕТ КАМ 2011 – ВАРДАР    64:58 (2-0)

(15-13; 19-19; 19-14; 11-12)

Баскет кам 2011: Кметовска 6, Димова 29, Османи, Поп Димитровска 3, Ѓуковиќ, Адамовска 2, Николов, Ѓоргиевска, Максимовска, Зубац 24;

Вардар: Димитријевиќ 17, Николиќ, Џангаровска 4, Тасевска 4, Деловска 4, Наков 6, Зафировска 5, Пислевска, Матие 18, Начевска, Мариновска;

Нешто налик на првиот меч од финалната серија делуваше и денешниот, втор по ред, одигран во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица. Со мала забелешка дека првото полувреме протекна во уште поизедначена игра во која на крајот на 20.минути, Баскет кам 2011 имаше минимална предност (34.32).

Се чини дека овојпат пресуди третиот период од играта во кој домашната екипа ја направи разликата која „вардарки“ не успеаја да ја стигнат до крајот на овој втор меч од финалето.   

На овој натпревар, стандардниот број на поени за Баскет кам 2011 го испорачаа Димова, која одличното издание го заокружи со реализација на 29.поени, додека пак Зубац ја испрати со 24.постигнати поени.

Во гостинската екипа, Димитријевиќ и Матие искобинираа вкупно 35. поени,но овојпат изостана поголема поддршка од нивните соиграчки.

Третиот натпревар од финалната серија ќе се игра најверојатно на 22.мај (среда), но сега на теренот на екипата на Вардар, во Скопје.

Нов шампион на Македонија ќе биде екипата која прва ќе стигне до три победи во големото финале.